Според претседателката на Врховниот суд, јавноста знае многу добро да ја препознае борбата за независно судство, а тоа најдобро, рече таа говорејќи на годинешната судиска конференција, може да се види кога се работи за предмети од висок јавен интерес
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, како и претседателката на Врховниот суд, го посочи интегритетот на судиите како најважното оружје што може да ја добие „војната за неселективна и правда еднаква за сите“
Мисијата на отвореното судство не е само да биде формален модалитет на комуникација, туку да биде моќен генератор на идеи кој ќе дава одлучни одговори на центрите на моќ кои имаат намери да ја нарушат независноста на судството. Ова денеска го кажа претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во нејзиното обраќање на годишната судиска конференција со која беше одбележан и Денот на правосудството кој беше на 31 март.
Тема на конференцијата, која се одржува седма година по ред во организација на Здружението на судиите и на Мисијата на ОБСЕ во, земјава беше „Квалитетно правораздавање – предуслов за обнова на јавната доверба.
Претседателката на Врховен ја оцени темата на конференцијата како многу актуелна и како вистински предизвик.
„Тоа особено е важно во сегашниот период во кој е исправено македонското судство, а тоа е период кога потребата од вистински и ефективни заложби за реализирање на реформската агенда на патот кон Европската Унија“,
рече Адеми.
Образложувајќи го концептот на отвореност на судството, Адеми рече дека тоа подразбира транспарентност и отчетност и нивно доследно почитување применување.
Перцепцијата, јавната доверба, отвореноста на судството и владеењето на правото, посочи таа, се прашања кои се меѓусебно поврзани и за кои не може да се говори изолирано, а за угледот на судството, додаде Адеми, еден од главните императиви е прифаќањето на концептот на отворено судство.
„Отвореноста на судството подразбира транспарентност во поглед на достапноста на информациите, но и транспарентност во поглед на европските регулативи. Сржта на транспарентноста е токму во прифаќањето на вредности кои значат градење на судски систем во којшто граѓаните ќе го препознаат правораздавањето и донесувањето на судските одлуки во нивно име, но и во име на правдата. Отвореноста претставува и почит и посветеност кон јавноста односно кон граѓаните, кон медиумите на начин кој овозможува континуирано градење на јавната доверба. Од тие причини од особено значење е давањето на повеќе внимание на меѓусебната соработка, респкетибилност и демонстрирање јасна волја и силно изразено чувство за креирање на демократски и сервисни институции“,
кажа Адеми.
Според претседателката на Врховен, јавноста знае многу добро да ја препознае борбата за независно судство, а тоа најдобро, рече таа, може да се види кога се работи за предмети од висок јавен интерес.
„Кога се во прашање начелата на владеењето на правото и начелата на правната држава не може да има калкулации ниту демагогија. Со постоење на таквата практика се загрозува јавната доверба и секако се нарушува владеењето на правото. Тоа најдобро може да се види кога се работи за предметите од висок јавен интерес бидејќи фокусот на правдата е заснована на поширока општествена опсервација. Предметите од јавен интерес се силен и објективен индикатор за јавната доверба“,
кажа Адеми.
Говорејќи во оваа насока, таа рече дека како претседателка на највисокиот суд во државата донела внатрешни процедури за постапување со предмети од висок јавен интерес што дале огромен придонес за ажурноста и ефикасноста на Судот и оти смета дека овие процедури треба да бидат урнек за постапување со вакви предмети низ сите судски инстанци во државата.
„Не можеме да дозволиме по предметите да не се постапува ажурно и ефикасно, а уште помалку како судска власт да не се произнесеме за законските решенија од областа на правосудството особено за оние кои ги тангираат правните институти. Таквиот начин има тенденција и цел да предизвика вперување на прстот кон судството иако мотивите се под превезот на оправдувањето и релативизирањето на дејствијата кои најмногу се домен на судството и најмалку припаѓаат на судската и на правната логика“,
рече претседателката на Врховниот суд.
Повикувајќи се на препораките и праксата на Советот на Европа и на Европскиот суд за човековите права (ЕСЧП) во Стразбур, Адеми посочи дека добро образложените судски одлуки ја олеснуваат и прифатлиовоста на пресудите како од странките така и од пошироката јавност.
„Исто така, добро образложените судски одлуки претставуваат заштитна гаранција од арбитрерно правораздавање и осигуруваат соодветно спроведување на правдата, како и јавната доверба во правосудниот систем“,
кажа претседателката на Врховен.
Адеми како уште еден услов за квалитетно правораздавање го истакна и цврстиот личен интегритет на судиите кој, како што рече, е најсилната гаранција за отпорност од несоодветни влијанија.
„Токму интегритетот е браникот на владеењето на правото“,
рече Адеми.
Од исклучително значење е, рече таа, судиите поединечно и заеднички да ја почитуваат и уважуваат судиската функција како јавна доверба и да се стремат да ја подобрат и одржат јавната доверба.
„Всушност, во тоа е и одговорот на прашањето како да се обнови јавната доверба“,
кажа Адеми.
На конференцијата, говореше и претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која рече дека подобрувањето на состојбите во судството е возможно „само со заедничка и координирана работа на секој од нас“.
Дамева, како и претседателката на Врховен, го посочи интегритетот како најважното оружје кое може да ја добие „војната за неселективна и правда еднаква за сите“.
„Сите заеднички, здружени, поединечно и во состав на судовите, обвинителствата и сите правосудни институции да дадеме сè од себе за нашето судство, за нашата држава бидејќи само преку заедничко дејствување можеме да направиме чекор напред. Само така ќе ја вратиме довербата кај граѓаните и само така ќе и помогнеме на нашата држава да биде дел од европското семејство“,
рече Дамева.