Во текот на расправата по извештајот на Комисијата на известители на Судскиот совет по барањето за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност за Адеми, свое мислење и став искажаа безмалку сите членови на Судскиот совет и повеќето од нив беа со мислење дека постапката треба да се запре, што на крајот се потврди и со гласањето
Образложувајќи го својот став, ново-старата претседателка на Судскиот совет Весна Дамева рече дека неприсуството на Беса Адеми на седниците на Судскиот совет не се одразило на работата на Советот, а во однос на втората точка за која се бараше одговорност од Адеми, бидејќи не пријавила политички влијанија, претседателката на Советот рече дека го градела својот став одговарајќи си на три-четири прашања
Членовите на Судскиот совет денеска со потребното мнозинство гласови одлучија да ѝ стават крај на неизвесноста која лебдеше околу позицијата на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.

Со седум гласа „за“ и четири „против“, од членовите кои имаат право на глас, Советот изгласа да биде запрена постапката за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховен.
Ова значи дека Адеми и понатаму останува претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија, а со тоа и член на Судскиот совет по функција.
Откако го констатира запирањето на постапката, претседателката на Советот, Весна Дамева, која денеска претседаваше со втората седница по нејзиното враќање на оваа функција, рече оти се надева дека емоциите во однос на соработката на Судскиот совет со Врховниот суд ќе бидат оставени настрана и дека таа соработка во иднина ќе продолжи интензивно.
„И јас еве денеска ви соопштувам дека ќе го преземам првиот чекор за продолжување на таа соработка бидејќи мора сите заеднички институционално да се бориме“,
рече Дамева на крајот на денешната расправа по барањето за дисциплинска одговорност на Адеми.
Барањето, односно иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховен ја поднесе членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, а на последниот работен ден од минатата година (29 декември) тој и одбраната на Адеми на расправата на Комисијата на известители ги вкрстија аргументите во врска со наводите, врз основа на кои Мустафа побара нејзино разрешување.
Неговата иницијатива се темелеше на два моменти. Едниот за неприсуството на претседателката на Врховен на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот аргумент што го истакна Мустафа на јавната расправа на крајот на декември беше интервјуто на Адеми за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за помилувањата од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
Со ваквото однесување, рече тогаш Мустафа, претседателката на Врховниот суд не само што го попречила и оневозможила Судскиот совет во остварувањето на основната цел, да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите, туку покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамките на правосудниот систем.
Тој побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување, додека одбраната на Адеми, пак, наведувајќи ги своите аргументи, посочи на недоследности во наводите на подносителот на иницијативата и побара Судскиот совет да ја запре целата постапка, со што ќе ја врати довербата на јавноста во судството.

Денешната расправа, која траеше нешто повеќе од три часа, започна со презентирање на извештајот на Комисијата на известители за предметот, од страна на нејзиниот претседател Мирсад Сурои, кој се задржа на веќе кажаното на јавната расправа пред Комисијата од декември, а финишира со ставот на ново-старата претседателката на Судскиот совет, во однос на наводите и гласањето, кое уследи по нејзиниот збор.
Таа, во своето излагање рече дека не може да си дозволи некому да му припише нешто од кое нема последици и дека ќе гласа за запирање на постапката.
Дамева претходно се осврна на двете точки за кои се бараше дисциплинска одговорност за претседателката на Врховен велејќи дека во однос на првата точка, иако е неспорно дека Адеми имала обврска да доаѓа на седниците на Советот, нејзиното отсуство било оправдано од повеќе причини, а една од нив, како што рече и таа, е што во ниту еден од записниците не било нотирано дека тоа е неоправдано.
…и мора да го имаме предвид фактот дека сепак примарната нејзина функција е претседател на Врховниот суд, а имајќи го предвид периодот наназад, и тоа какви успеси има Врховниот суд. Тоа не можам да го скријам и јас сега како претседател на Судскиот совет се гордеам со успех на еден таков претседател и дај Боже нека ги има уште многу. И не е единствен тој претседател, ги има. Од друга страна, еве и да не се оправдани отсуствата, ниту едно нејзино отсуство не предизвикало потреба од одлагање на тие седници. Јас барем од увидов во доказите не увидов дека ниту една седница Судскиот совет ја одложиле бидејќи не дошла претседателката. На претседателката редовно ѝ биле доставувани материјалите, ги проучувала и ги знае сите состојби во Судскиот совет. Така што, иако физички не е присутна, тоа не се одразило на работата на Судскиот совет, како што кажа колегата Сашко Георгиев, во негово време присуствувала на седниците на судско-буџетскиот совет, значи онаму каде што било потребно се одзивала. Ќе резимирам, по првата точка од сето тоа нема штетни последици. Не е нарушена работата на Судскиот совет“,
рече Дамева.

Во однос на втората точка, зошто Адеми не пријавила политички влијанија, претседателката на Советот рече дека го градела својот став одговарајќи си на три-четири прашања.
„Дали претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија во својата досегашна работа покажала независност, самостојност и совесност? Да. Дали подлегнала на притисоци? Не. Дали е точно дека претседателката зборувала за прашања од јавен интерес? И тоа како е тоа точно. Дали има право на тоа? Има и не само што има, има и обврска на тоа. Е тоа дали требаше и беше должна да го сподели тоа со Судскиот совет, е тука кај мене имаше дилема, но убедена сум дека тоа го сторила на начин на кој би се заштитила и самата себе и понатаму сето тоа би се процесирало. Така дали се одзва на поканата на Судскиот совет, дали недоаѓањето по оваа покана е основана или неоснована, оправдана или неоправдана овие работи како причини за мене се ирелеватни бидејќи во текот на самата расправа (на 29 декември) на прашање на член на Комисијата, (Беса Адеми) рече од кај знаете дека не пријавив. Така што по одговорот на овие мои прашања, особено трите први, коишто се исклучителни за мене и не оставаат дилема, јас колеги искрено би сакал да верувам, каков и да е гласот на секој поединечно, ќе го почитувам, но оваа одлука мора да биде донесена врз основа на факти и докази, согласно законот“,
рече Дамева.
Инаку, во текот на расправата, свое мислење и став искажаа безмалку сите членови на Судскиот совет, повеќето од нив беа со мислење дека постапката треба да се запре, што на крајот се потврди и со гласањето.
„Она што кај мене преовлада во моето одлучување се следниве работи. Овде имаме, откога сум јас јас тука, членови на Судскиот совет кои не присуствуваат на седница и не добивме и ниту еднаш не сме имале доказ, затоа што ние им веруваме на колегите кога ќе кажат дека е спречен, дека таа спреченост е навистина спреченост. Што е разликата кај претседателката на Врховниот суд? Дали јас како судија и член на Советот можам да применам различни аршини. По однос на вториот дел од иницијатива, за мене и овде нема повреда, бидејќи Адеми претходно известила оти не може да присуствува на седницата на 6.11.2023 година поради тоа што имала обврски“,
рече во образложението на својот став членот на Советот, Антоанета Димовска, која прва говореше и која по завршувањето на излагањето рече дека ќе гласа за запирање на постапката против Адеми.
Таа во дел од обраќањето беше и самокритична во однос на тоа што презел Советот по наводите за притисоци врз судии.
„Претседателката (Беса Адеми) кажа дека тие (Врховниот суд) одолеале на притисоците. Што направиме ние, повикавме ли некој судија, да каже дали имаат политички притисоци, што правиме ние како Судски совет“,
рече Димовска.

Сепак, со повеќето свои колеги, чии ставови одеа во идентична насока со оние на Дамева и на Димовска, членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, беше со спротивен став. За неа однесувањето на претседателката на Врховен, не само што е спротивно на Законот за Судски совет, туку таа со своето неприсуство на седниците не ги исполнила и обврските кои ѝ се дадени со Уставот.
„Наместо претседателот на Врховниот суд да ја испочитува својата уставна обврска, својата должност, да дојде во Судскиот совет и прво овде заради обезбедување на независноста на на судството да зборуваме за ова прашање, наместо тоа претседателот си дозволува да не доаѓа и да разговара. Директно сметам дека од страна на претседателот на Врховниот суд имаме состојба на непочитување на Уставот на Република Северна Македонија и за мене тоа е крупна повреда и не можам да поминам преку такво нешто… Ако има состојба кога член на судски совет со месеци не доаѓа на седница, дајте сите да се спакуваме и да си одиме, но јас мислам дека такво нешто не постои… И јас нема да гласам за запирање на оваа постапка. Во најмала рака сметам дека претседателот на Врховниот суд со таквото свое однесување во најмала рака треба со укор да биде опоменат за своите права и обврски“,
рече Чачарова-Илиевска.

Инаку, на почетокот на самата расправа ѝ претходеше речиси едно и полчасовна процедурална дискусија меѓу Чачарова-Илиевска, како претставник на, условно кажано адвокатското крило во Судскиот совет и дел од членовите кои доаѓаат од редот на судиите.
Имено, Чачарова-Илиевска побара извештајот на Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, којшто беше изготвен на 40 страници, да се врати на доработка, но ваквата иницијатива не наиде на поддршка кај колегите, кои со гласање пет „за“ и шест „против“, не го усвоија предлогот.
Претседателката на Врховниот суд се врати, односно беше присутна и учествуваше во работата на претходната седница на Судскиот совет, прва со која претседаваше Дамева откако беше вратена на претседателското столче на Советот.
Пред денешната седница, Дамева во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот на 15 јануари рече дека по расправата за извештајот на Комисијата на известители очекува членовите на Советот да донесат правилна одлука.