Од друга страна, информациите до кои дојде „360 степени“ говорат дека токму (не)присуството на претседателката на Врховниот суд на седниците на Судскиот совет е главниот аргумент на кој се заснова иницијативата за нејзино разрешување и за што, според медиумските објави, ќе се расправа на последниот работен ден од оваа година (29 декември)
Дека, поедноставено кажано, недоаѓањето на претседалката на Врховниот суд согласно членот 43, на седниците на Судскиот совет е аргументацијата на која се заснова иницијативата за нејзино разрешување, можеше да се насети и во одговорите на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев , во неодамнешното интервју за „360 степени“
Два се главните поводи поради кои Судскиот совет изминатиов период, особено деновиве, е во фокусот на јавноста – извештајот на Оценската мисија на Европската Унија за неговата работа, по низата скандали кои го потресоа ова тело и иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, за чие постоење нема официјална потврда, но нема ниту демант, дури и од претседателот на самиот Совет, Сашко Георгиев.
Овие два момента можеби ќе се испреплетат во контекст на иницијативата за разрешување на Адеми, поднесена од член на Судскиот совет.
Имено, минатиот вторник (12 декември) шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, го претстави во основни црти извештајот на Оценската мисија, но како што кажа на брифингот со новинарите, тој нема да биде објавен јавно за да не се изгуби од неговата ефективност.
Извештајот, како што брифираше Гир, содржи 40 препораки од кои 17 се во доменот на самиот Судските совет, додека за останатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите кои ја регулираат конкретната материја.
Сеедумнаесетте препораки се однесуваат на подобрувањето на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени без никакви уставни и законски измени. Останатите мерки што ги препорачува Оценската мисија, а за кои се потребни уставни и интервенции во законите, се однесуваат на прашањата што дефинираат кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот на членовите, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот.
Меѓу сегментите кои треба да се разгледаат се оние кои се однесуваат и на членовите на Советот по функција, односно на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд, кои учествуваат во работата на Советот.
„360 степени“ дојде до делот од Извештајот во кој Оценската мисија на ЕУ дава свое мислење и препораки за ова прашање, за што меѓу другото вели дека е препорачливо претседателот на Врховниот суд повеќе да не биде дел од Судскиот совет, за да се обезбеди внатрешна независнот на судството.
Во овој дел, нотиран на седмата страница од Извештајот, се наведува и дека тоа што претседалот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваат на седниците на Советот, по сопствена одлука, не е прекршување на Законот.
„Треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваа на состаноците на Судскиот совет, по сопствена одлука, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет и тоа не е прекршување на законот.
Доколку министерот за правда и претседателот на Врховниот суд не се членови на Судскиот совет, треба да се обезбедат механизми за координација меѓу овие три институции, со цел подобро да се обезбеди комуникација и соработка. Тоа може да се направи и на неформален начин, како на пример преку месечни состаноци, на кои може да се разговара за одредени проблеми на судството или прашања од јавен интерес“,
се наведува во делот на Извештајот на Оценската мисија.
Но, како прашањето за (не)присуството на двајцата членови по функција во Советот е поврзано со иницијативата за разрешување на претседалката на Врховниот суд.
Како што неофијално се дознава, токму овој момент е наведен како аргумент на подностелот на иницијативата за разрешување на Адеми.
Имено, според информациите до кои дојдовме, тој наоѓа дека претседателката на Врховниот суд со ваквото свое однесување не ги почитува правосудните институции, конкретно Судскиот совет, односно не ги извршува своите функции согласно законите и со тоа наместо за независноста на судството придонесува за намалување на довербата на граѓаните во него.
Инаку, правата, обврските и одговорносте на членовите на Судскиот совет се дефинирани во членот 43 од Закон за Судскиот совет во чиј втор став се наведува дека министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот по функција ги имаат истите права, обврски и одговорности, како и членовите со право на глас од ставот (1) на овој член, освен во случаи предвидени со овој закон.
Дека, поедноставено кажано, недоаѓањето на претседателката на Врховниот суд, согласно членот 43, на седниците на Судскиот совет е аргументацијата на која се заснова иницијативата за нејзино разрешување, може да се насети и во одговорите на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во неодамнешното интервју за „360 степени“.
Прашан за споменувањето на иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, како и за актуелните односи меѓу неа и Судскиот совет во изминатиот период по нејзините изјави дека имала надворешен, политички притисок за оживување на помилувањата од претходниот претседател Ѓорге Иванов и дали има таква иницијатива за најзино разрешување, претседателот на Советот вели:
„Во овој дел само ќе презентирам дел од Законот за Судски совет во кој овие постапки се од доверлив карактер, односно не се презентираат во јавноста. Тоа е заштитено со самиот закон. Во однос на оваа проблематика, јас ќе кажам дека колешката Беса Адеми е претседател на Врховниот суд, а во исто време, по службена должност, е и дел од составот на Судскиот совет. Во еден период таа доаѓаше на седници, имам разбирање дека и таму има обврски, сите имаме обврски, доаѓаше еден период, беше активна, но има еден период во кој таа не доаѓа, не се јавува на седници на Судскиот совет… Тоа е нејзино лично убедување, таа е судијка, претседател на највисокиот суд и зошто и од кои причини не доаѓа да придонесе, нејзината улога како претседател на Врховниот суд и согласно законот, е да биде активна во решавањето на Судскиот совет…“.
На новинарска забелешка дека ги слушаме толкувањата дека со тоа покажува непочитување на Судскиот совет, Георгиев рече оти не се согласува дека на таков начин треба пред јавноста да покажуваме и пред самите себеси дека не се се согласуваме.
„Улогата на ваквите членови е да дојдат на седница на Советот и да го кажат тоа што го мислат“,
рече претседателот на Судскиот совет во интервјуто.
На посочувањето на „360 степени“ дека можеби и ова ќе биде еден од аргументите за прашањето – дали има иницијатива за разрешување, како евентуално ќе се толкуваат аргументите во таа процедура, како и дали тоа нема да биде буквално прелевање на чашата (ако се стигне до разрешување на претседателот на Врховен суд кој јавно излегол и рекол дека има политички притисоци за да прави нешто што личи на чист партиски интерес), Георгиев со одговор:
„Пак ќе кажам дека вакви постапки, според законот, се од ограничен карактер за јавноста и не можам да одговорам на ова прашање – дали има или нема вакви постапки. Но, ќе потенцирам, должност е штом си во таква позиција, по службена должност, да се доаѓа и придонесува. Улогата на таквите позиции е да бидеш активен и да придонесуваш за активностите во работењето и решавањето на проблемите во судството. Како и да е, ќе се навратам на овој дел, дека јас во однос на состојбата, тоа што колешката го истакна дека имала проблеми за некакви влијанија или закани, должност ни е како Совет, во согласност со законот при што основна надлежност ни е да ја гарантираме независноста и заштита од какви било влијанија врз судиите, вклучувајќи ја и претседателката на Врховниот суд. Од овие причини, таа беше поканета да дојде и да си го каже своето како проблем и знаеме дека иако имаше покана, колешката не дојде, не се појави за да го каже тоа што го зборуваше во медиумите“.
Инаку, како што објави ТВ Телма вчера, повикувајќи се на свои извори, Судскиот совет на последниот работен ден од оваа година (29 декември) ќе расправа по иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Според извори на телевизијата, тричлена комисија на известители за овој датум ја закажала расправата на која, како што се наведува, и претседателката на Врховен ќе може да даде своја одбрана во однос на наводите со кои се бара нејзино разрешување, кои засега ѝ се непознати на јавноста.
Претседателката на Врховниот суд неодамна на прашање на „360 степени“ за тоа дали продолжуваат политичките притисоци врз судиите на највисокиот суд во земјава, за кои самата јавно посведочи, и како го коментира фактот што никој не демантира дека во Судскиот совет постои иницијатива за нејзино разрешување, кусо одговори дека ваквите постапки се од доверлив карактер, но оти таа би барала јавност во ваков случај.
„Мојата работа и работата на Врховниот суд се позитивно оценети во извештаите на Европската Унија. Евентуално такво барање мора да ги предвиди и овие факти и аргументи. Знаете дека постапките по вакви барања се од доверлив карактер, но јас би барала јавност на постапката со цел пошироката јавност да биде информирана”,
рече Адеми на 12 декември.
Дали медиумите и невладините ќе можат да присуствуваат на оваа седница ќе треба да одлучи Судскиот совет. Актуелниот Закон за Судскиот совет предвидува таква можност.
Имено, во членот 61, во кој е уредено ова прашања, во ставот 2 стои дека: „Постапката е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата или претседателот на судот согласно со прописите за заштита на личните податоци“.
Но, во следниот став 3 се наведува дека „по барање на судијата или претседателот на судот, Советот ќе одлучи постапката да биде јавна“.
„По барање на судијата или претседателот на судот, на седницата може да присуствува и претставник од Здружението на судии“,
вели ставот 4 од членот 61 од Законот за Судски совет.
Од Судскиот совет за ТВ Телма го посочиле истиот член и кусо одговориле дека доколку има такво барање, Советот ќе одлучи и ќе бидат споделени информации во јавноста.
Судијката Беса Адеми безмалку три години е на чело на Врховниот суд. Таа има 12-годишен стаж во Судот, а на конкурсот за избор на претседател победи во конкуренција на Лидија Неделкова и Џемали Саити, кои иако беа поекспонирани во јавноста, имаат малку покус стаж во највисокиот суд.
Во октомври годинава ѝ беше домаќинка на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по што Врховниот суд со соопштение од средбата порача дека судството не смее да биде под притисок на политиката.
Медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“. Потоа, амбасадорката Агелер во изјава за ТВ Сител кажа дека мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира.
Лично претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, посочи дека постојат ситуации на мешање на политиката во судството, но нема основа за „оживување“ на аболициите на Иванов.
Прашана како изгледаат притисоците врз судството, таа вели оти секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести.
Истражувачкиот портал „Призма“, кој го издава БИРН, минатиот месец објави дека преку идентични текстови што синхронизирано и спонзорирано се објавуваа на два релативно непознати портали – redakcija.mk и desk.mk, се води црна кампања против претседателката на Врховен суд, Беса Адеми. Истражувајќи, БИРН ги доведе сајтовите во врска со функционерот од ДУИ и директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој се смета за близок до првиот вицепремиер Артан Груби.
Паралелно, Судскиот совет закажа работна средба со претседателката Адеми, поради нејзините наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд. Преку писмо испратено до јавноста, таа одговори дека нема да оди на средбата поради претходно закажан настан и поради тоа што и претходно имало јавни изјави за притисоци врз судии, а Советот не презел ништо.
До 29 декември јавноста ќе очекува дали Судскиот совет ќе остане на најавеното разгледување на Извештајот на Оценската мисија на ЕУ на отворена за јавност седница и дали ќе дозволи јавност на седницата на која ќе се расправа по иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.