Поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша, на прес-конференција, објави дека ќе поднесе тужба против американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој вчера објави дека американскиот Стејт департмент ги прогласи него и неговото семејство за „персона нон грата“ во САД.
Тој рече дека веќе му дал упатства на неговиот адвокат во „неутрална и почитувана земја како што е Франција“ да поднесе директна тужба за јавна клевета против Блинкен.
„Од моментот кога Блинкен станува автор на комедија и политичка монтажа на моја штета, тоа не влегува во функциите на министерството. Ниту една влада, каква и да е, не може да има функција на клевета и валканици. Значи, според адвокатот што го консултирав, Блинкен не е заштитен со никаков имунитет и ќе покренам тужба. Тој ќе биде тужен и осуден од парискиот суд за клевета“,
посочи Бериша.
На прашањето дали нешто друго се „готви“, Бериша рече дека можат да излезат многу варијанти, но најважен чекор е да се оди на суд и да се открие вистината кој бил Сали, која е сопруга на Сали Бериша, кои се неговите деца.
Тој уште еднаш повтори дека нема никаква вистина во обвинувањата и побара доказите за кои зборува Блинкен, да ги достави на јавноста.
„Лажни процени за мојата личност. Ви гарантирам дека ако одите каде што ја допрев првата плата во државниот платен список и до вчера, нема човек во Албанија или во светот што може да каже дека сум бил порано или сега сум вмешан во коруптивна афера“,
рече Бериша.
Блинкен вчера го прогласи Бериша за неподобен за влез во САД и како причини за тоа вели дека се неговите коруптивни постапки и поткопување на демократијата во Албанија. Покрај Бериша, за неподобни се прогласени и членовите на неговото потесно семејство.
„Коруптивните постапки на поранешниот претседател на Албанија, Сали Бериша, ја поткопаа демократијата во Албанија. Јавно ги прогласувам Бериша и членовите на неговото потесно семејство како неподобни за влез во САД. Ние остануваме обединети против корупција, со нашите партнери во Албанија“,
напиша Блинкен на Твитер.