Бербок нагласи дека одржувањето на мирот е европска задача и додаде дека каков било договор за Украина не може да се преговара без украинско и европско учество

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вели дека дебатата за можно испраќање европски мировни сили во Украина е предвремена.
„Ниту еден војник нема да биде испратен во оваа жешка војна“,
изјави Бербок за германскиот јавен сервис ЗДФ, пренесува агенцијата ДПА.
Дебатата во европските метрополи беше поттикната од едностраната најава на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни преговори за Украина со Русија, како и забелешките од Трамп и други високи американски претставници дека американски трупи нема да бидат вклучени во обезбедувањето на каков било мировен договор во Украина.
Бербок нагласи дека одржувањето на мирот е европска задача и додаде дека каков било договор за Украина не може да се преговара без украинско и европско учество.
Но, Бербок рече дека е премногу рано да се дебатира за подготвеноста да се распоредат војници во Украина пред да започнат разговорите.
Германскиот канцелар Олаф Шолц даде слични коментари по состанокот на европските лидери на кој се разговараше за можните придонеси за мировниот договор со Украина во понеделникот во Париз, кој беше свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.
Шолц по состанокот на европските лидери во Париз повика на единство меѓу Европа и САД по прашањето за одговорноста на безбедноста на Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе биде домаќин на вториот по ред вонреден самит посветен на Украина и европската безбедност. За разлика од состанокот во понеделникот, овој пат се поканети и Канада и другите европски земји што не присуствуваа на собирот од пред два дена.
Вчера, пак, највисоките американски и руски претставници се состанаа на разговори во Саудиска Арабија, без никакво учество на украински или европски претставници.