Имаме Правилник за квалитетот на течните горива каде што се предвидени параметрите кои треба да бидат во склоп на секој дериват. Од страна на Државен пазарен инспекторат се проверува дали дериватите што се на македонскиот пазар се во рамки на предвиденото според стандардите. Секое отстапување повлекува прекршочни пријави од страна на пазарните инспектори, вели министерот за економија

Бензините што се користат во Северна Македонија се со добар квалитет, иако има некои отстапувања што се откриени кај одредени бензински пумпи. Параметрите за нафтата и мазутот постојано се испитуваат за да се запази нивниот еколошки квалитет, но сепак и кај нив, како и кај другите деривати, се утврдени одредени отстапувања во квалитетот.
„Има отстапувања и кај нафтата и кај другите деривати, но тоа не претставува некој проблем“,
посочија денеска Авдуљ-Селам Селами, директор на Бирото за метрологија, и министерот за економија Крешник Бектеши на одбележувањето на Денот на метрологијата – 20 Мај.
Според министерот Бектеши, Бирото за метрологија во чија надлежност се лабораториите за проверка на квалитетот во соработка со Државниот пазарен инспекторат проверуваат дали дериватите на македонскиот пазар се во рамки на предвиденото во секој елемент од правилникот.
„Имаме Правилник за квалитетот на течните горива каде што се предвидени параметрите кои треба да бидат во склоп на секој дериват. Од страна на Државен пазарен инспекторат се проверува дали дериватите што се на македонскиот пазар се во рамки на предвиденото според стандардите. Секое отстапување повлекува прекршочни пријави од страна на пазарните инспектори“,
рече Бектеши.
Директорот на Бирото за метрологија Авдуљ-Селам Селами посочи дека располагаат со современа технологија, најавувајќи нови инвестиции во осовременување на лабораториите.
„Ние сме во добра алка до европските земји, но треба уште да вложуваме. Годинава ќе пробаме да вложиме во нашите лаборатории, а тоа директно ќе влијае на економијата“,
рече Селами.
Според министерот Бектеши, внатрешниот пазар, односно производите, услугите и заштитата на потрошувачите се едно од најглавните поглавја во Европската Унија, која го почна скрининг-процесот на Северна Македонија.
„Министерството за економија и Владата секогаш ќе даваат поддршка за инвестирање во Бирото за метрологија со цел подобрување на условите и подобрување на квалитетот за сите услуги на граѓаните и секој производ што го купуваат во нашата држава“,
рече Бектеши во обраќањето по повод одбележувањето на Денот на метрологијата.
Покрај инвестициите направени за набавка на нови лаборатории за мазут, дизел, бензин и слично, најави дека годинава ќе инвестираат во инструменти во делот на гасомерите, имајќи го предвид развојот на гасоводниот систем во државата, но и преку интерконективните системи и со соседството.
„Министерството за економија и Владата секогаш ќе бидат во поддршка на менаџментот на Бирото за метрологија со цел овие услуги да се подобрат во насока на подобрување на квалитет за сите услуги и секој производ што го купуваат граѓаните во нашата држава“,
нагласи Бектеши.
Министерот изрази убедување дека преку соработка со научната фела, државата ќе има одлични преговори за поглавјето на ЕУ за внатрешен пазар, а најважно од сè, како што нагласи, е дека ќе ги заштитат потрошувачите и граѓаните во делот на квалитетот.