Бектеши и неговиот турски колега Донмез разговарале за развој и продлабочување во полето на енергетиката, пред се во делот на снабдување на електрична енергија и природен гас, земајќи ги во предвид движењата на енергетските политики во услови на енергетска криза
По денешната средба со турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, министерот за економија на земјава Крешник Бектеши информира дека во завршна фаза е меморандумот за соработка во полето на енергетиката со Република Турција.
Меморандумот, со кој, како што кажа, ќе се отворат можности за зголемена соработка и инвестиции во енергетиката се очекува да се потпише периодот што следи.

„Ќе потпишеме меморандум за соработка во делот на енергетиката, текстот веќе е во финална фаза на подготовка и ќе биде потпишан во наредниот период. Убеден сум дека оваа криза заеднички ќе ја надминеме и ќе отвориме нови перспективи за развој на економиите на двете земји“,
посочи Бектеши.
Бектеши и неговиот турски колега Донмез разговарале за развој и продлабочување во полето на енергетиката, пред се во делот на снабдување на електрична енергија и природен гас, земајќи ги во предвид движењата на енергетските политики во услови на енергетска криза. Се согласиле на интензивирање на разговорите во оваа насока. Дополнително, изразиле надеж дека традиционално добрата соработка на енергетски план ќе се продлабочи и во иднина.

На состанокот биле присутни и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, извршниот директор на АД НЕР, Бајрам Реџепи, генералниот директор на МЕПСО, Орхан Муртезани, директорот на АД ГА-МА, Александар Арсиќ, како и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Турскиот министерот Донмез бил придружуван од генералниот директор на БОТАС, Бурхан Озџан и генералниот директор на ТЕИАШ, Орхан Калдирим.