Во однос на тоа кој ќе одговара за настанатата ситуација со греењето во главниот град кога голем дел од скопјани останаа без парно греење, Бектеши посочи дека во Обвинителството веќе има постапки за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година, а за обврските што ги има согласно дадената лиценца, како што вели „РКЕ може да провери дали БЕГ имал резерви мазут за 15-дневна работа што произлегува од обврската од Законот за енергетика“
Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска изјави оти од 21 јануари АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе го преземат управувањето со БЕГ и со „Скопје Север“, што претходно беше одлучено на владина седница, а најверојатно, додаде тој, од 21 јануари ќе има парно греење до 1 часот по полноќ со минимум 20 плус еден степен Целзиусов.
„Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“,
рече Бектеши на денешната средба со новинарите.
Тој истакна дека долговите што ги прават БЕГ и АД „Скопје Север“ кон АД ТЕ-ТО и „Макпетрол“ за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да си ги решат сами приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин.
„Од 21 јануари натаму, сè до денот до кога ќе управува ЕСМ со БЕГ и ‘Скопје Север’ ќе биде обврска на ЕСМ да ги води сите постапки и да ги надмирува сите обврски, но истовремено и да бара од нивна страна испорачување на тоа што е договорено. Немаме намера да ги преземеме обврските што ги имаат до 21 јануари, а од 21 натаму кога ЕСМ ќе управува со снабдувањето, дистрибуцијата и производството на топлинска енергија согласно договорот, кој во четврток треба да се потврди на седница на Владата, ќе си ги преземе обврските“,
рече Бектеши и додаде дека сите обврски што ги има БЕГ до 21 јануари ќе си останат нивни обврски.
Во однос на тоа кој ќе одговара за настанатата ситуација со греењето во главниот град кога голем дел од скопјани останаа без парно греење, Бектеши посочи дека во Обвинителството веќе има постапки за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година, а за обврските што ги има согласно дадената лиценца, како што вели „РКЕ може да провери дали БЕГ имал резерви мазут за 15-дневна работа што произлегува од обврската од Законот за енергетика“.
„Државните институции целосно се подготвени да се справуваат со енергетската криза. Затоа во Буџетот за 2022 година се предвидени ставки да им излеземе во пресрет и во случај ако има дополнителна здравствена криза истовремено и економска и енергетска криза. За тоа се предвидени речиси 100 милиони евра и дополнително 30 милиони евра во друга ставка од каде можат да се користат овие средства. Таа ставка е наведена во одлуката што ја донесе Владата“,
посочи министерот за економија, Крешник Бектеши.