Предложени се две точки на дневниот ред, односно потврдување на двете одлуки на Пендаровски за прогласување вонредна состојба
Пратениците се повикуваат на член 63 од Уставот според кој мандатот може да им биде продолжен во случај на вонредна состојба
Барањето што го иницираше СДСМ за свикување итна собраниска седница за потврдување на одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба стигна кај спикерот Талат Џафери, информираа денеска од неговиот кабинет. Сега тој треба да одлучи дали ќе закаже седница, и покрај одлуката за распуштање на Собранието што ја донесоа пратениците на 16 февруари.
Според Уставот, претседателот на парламентот е единствен надлежен да закаже собраниска седница, а тоа може да го направи и по предлог на Владата, претседателот на државата и најмалку 20 пратеници.

На барањето се потпишани 35 пратеници од различни партии. Поточно, освен на пратеници од коалицијата на СДСМ, на листата на подносители на барањето може да се забележат и имиња на пратеници од независната пратеничка група, Беса и од ДПА.


Пратениците се повикуваат на член 63 од Уставот, според кој мандатот на пратениците може да биде продолжен во случај на вонредна состојба.

Пратениците му предлагаат на претседателот на парламентот да закаже седница со две точки на дневен ред: едната за потврдување на одлуката на претседателот Стево Пендаровски од 18 март за прогласување вонредна состојба на целата територија на државата, а другата за потврдување на втората одлука на претседателот од 16 април со која се прогласени нови 30 дена вонредна состојба. Во тој контекст, пратениците се повикуваат и на членовите 125 и 126 од Уставот, според кои Собранието треба да ја потврди одлуката на шефот на државата за прогласување вонредна состојба и да ја донесе одлуката за нејзино завршување, по што би престанале и овластувањата на Владата да носи уредби со законска сила.

Во барањето за свикување итна седница на распуштениот парламент, исто така, се посочува дека, за време на вонредна состојба, парламентот треба да оствари контрола врз извршната власт, која добива многу поголеми овластувања, па и законодавни надлежности.
*поврзани вести: Џафери: Немам мандат со индивидуален акт да ја поништам одлуката за распуштање на парламентот