Државната изборна комисија (ДИК) попладнето го добила барање од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да се изјасни за именувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје, без согласност од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, за „360 степени“ не сакаше да открие што мисли лично за целиот случај и дали ДИК е, воопшто, надлежна да одлучува.
„Нема да ви дадам прецизен одговор, дали Чулев можел да го назначи началникот без потпис од Петровска, дали не, ниту дали сме воопшто надлежни да одлучуваме за ова. За утре е закажана седница, ќе следува соодветна одлука на Комисијата, сите варијанти се отворени“, вели Дерковски.
Претпладнето Чулев имаше состанок со дополнителната заменик-министерка Петровска и со неколкумина раководители во МВР на кој, според најавите, требаше да се разговара за спорните прашања што се појавија во изминатите неколку дена, вклучувајќи го и именувањето началник на СВР Скопје. Во соопштението издадено по средбата нема ниту збор за случајот со началникот на СВР Скопје. Извор од МВР вчера за „360 степени“ соопшти дека Ставревски веќе ја извршува функцијата и издава наредби.
Има ли право Чулев да назначи началник без „амин“ од Петровска?
Законот за Влада му дава право на техничкиот министер за внатрешни работи да направи 15 разрешувања или распоредувања на носители на раководните позиции во министерството.

Сепак, членот 46 од законот ги става во рамноправна положба техничкиот министер и дополнителниот заменик на министерот, во случајот Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ и Славјанка Петровска од СДСМ. Според оваа одредба од Законот, двајцата рамноправно ги разгледуваат и потпишуваат сите акти и документи, кои се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Законот за Влада предвидува при несогласувања меѓу техничкиот министер и дополнителниот заменик-министер, последниот збор да го има Државната изборна комисија.

Чулев вчера во изјава на МИА најави дека ќе побара ДИК да пресече за именувањето на Ставрески.
„Ставрески не е осудуван ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат ‘државна тајна’ за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка може да биде началник на СВР Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор“, изјави Чулев.
Експерт по право, кого го консултиравме, смета дека одредбите од член 44 став 4 и 6 се однесуваат специфично на МВР и може да се толкуваат како исклучок од генералното правило од член 46. Овој пристап би значел дека Петровска не може да го блокира назначувањето на Ставревски за прв човек на СВР Скопје и дека нејзиното несогласување останува на ниво на политички став. Министерот има законска обврска да именува дополнителен заменик на нејзин предлог, кој понатаму може да блокира одлуки на началникот (Ристо Ставревски).