Поранешниот американски претседател Барак Обама, кој остана неутрален во текот на внатрепартиската трка за претседателски кандидат, денеска јавно за првпат излезе со поддршка за Џо Бајден.
Бајден беше потпретседател на САД во мандатот на Обама.
„Горд сум да го поддржам Џо Бајден за претседател на САД. Изборот тој да биде мој потпретседател беше една од најдобрите одлуки што некогаш сум ги донел. Тој стана и мој близок пријател. Верувам дека ги има сите квалитетите што ни се потребни во овој момент за еден претседател“,
рече Обама во 12-минутното видео-обраќање.
Бајден, пак, веднаш се заблагодари.
„Оваа поддршка ни значи сè на мене и Џил (сопругата). Ќе продолжиме да го градиме напредокот кој заедно го постигнавме и нема некој друг за кој повеќе би сакал да застане покрај мене“,
напиша Бајден.
Бајден ќе го предизвика Доналд Трамп на претседателските избори во ноември годинава. Пред неколку дена сенаторот Берни Сандерс се повлече од трката против Бајден за номинацијата за претседателски кандидат.