Мораме да го направиме Трамп претседател со еден мандат, порача сенаторот кој минатата седмица се откажа од битката за номинација од Демократската партија
Берни Сандерс, кој се повлече од трката за претседател на САД, го поддржа поранешниот американски потпретседател Џо Бајден да излезе како демократски кандидат на изборите во ноември и да се соочи со актуелниот претседател Доналд Трамп.
„Апелирам до сите Американци, сите демократи, сите независни гласачи и голем број републиканци, заедно со мене, да ја поддржат твојата кандидатура“,
рече Сандерс за време на „виртуелната средба“ со Џо Бајден, преку видеоврска.
Сенаторот Сандерс се откажа од понатамошната трка за претседател на САД, поради воочливата неподготвеност на прогресивните демократи, од почетокот на кампањата, да ја поддржат неговата кандидатура. Поддршката за досегашниот внатрепартиски ривал се толкува и како одобрување на најавената прогресивна политика на Бајден, оценуваат американските медиуми.
Според Сандерс, најголем приоритет на демократите е да се победи Трамп.
„Мораме да го направиме Трамп претседател со еден мандат“,
апелира Сандерс.