Македонската банкарска асоцијација (МБА) тврди дека банките ги преземаат сите мерки за заштита на здравјето на клиентите. Оттаму велат дека поставени се ознаки за соодветна раздалеченост пред филијалите, експозитурите и банкоматите, има известувања и препораки, а постепено се воведувале и редарски служби.
Ваквото соопштение од МБА следува деновиве, а особено денеска беше забележана гужба пред повеќе банки при што граѓаните не ги почитуваа мерките за држење растојание меѓу себе.
„Во текот на денешниот ден, во рамки на овие активности со поддршка се вклучи и Министерството за внатрешни работи, за што искрено сме благодарни. Но, имајќи предвид дека и покрај сите преземени активности, пред некои од филијалите и експозитурите, во текот на денешниот и изминатите неколку денови имаше поголемо присуство на клиенти, апелираме до граѓаните заради заштита на здравјето да ги следат препораките коишто ги упатуваме во однос на физичката посета на банките“,
велат од МБА.
Тие велат дека разгледуваат повеќе опции како да го организираат своето работење при следните исплати на пензии и социјална помош, кога се создаваат и најголемите гужви. Потсетуваат и дека дел од нивните вработени се отсутни од работа заради мерките за заштита како што е ослободување на оние кои имаат деца под 10 години, но и тврдат дека сите банки имаат креирано и резервни тимови кои ќе работат во случај некој од вработените да се зарази со коронавирус.
Од МБА апелираат да се почитуваат мерките и препораките како што се: во исто време во банка да има од 2-5 клиенти; колку што може да се избегне одење во некоја од експозитурите и филијалите односно да се користат услугите на електронското и мобилното банкарство; ако мора да се оди, тогаш да се држи растојание и да се избегнува плаќање во кеш секаде каде што е можно.