Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји, од Естонија, Маргус Цахкна; од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис, се вели дека присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ
Естонија, Летонија и Литванија ќе го бојкотираат Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји, од Естонија, Маргус Цахкна; од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис, се вели дека присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ.
Decided together with @krisjaniskarins & @GLandsbergis to not attend the OSCE ministerial council in Skopje if Russia’s foreign minister Lavrov will participate.
— Margus Tsahkna (@Tsahkna) November 28, 2023
My view: Lavrov belongs at a special tribunal instead of the OSCE table.
Our full statement:https://t.co/Dkb1gn9T71 pic.twitter.com/J60h9DsTkt
„Длабоко жалиме за одлуката со која се овозможи лично учество на рускиот министер за надворешни работи С. Лавров на 30. сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Тоа само ќе ѝ даде на Русија уште една пропагандна можност“,
се вели во изјавата на министрите.
Според нивната изјава, она што ни треба денес е итно безусловно запирање на агресијата на Русија, повлекување на нејзините трупи од сите окупирани територии, компензација на предизвиканата штета и целосна одговорност за сторителите на меѓународните злосторства.
„Ништо од ова не е на место. Ниту, пак, гледаме знаци дека Русија дури и оддалеку размислува да ги исполни своите меѓународни обврски и обврските на ОБСЕ. ОБСЕ првично беше дизајниран да ја изгради европската безбедност, да спречи конфликти и да го зачува мирот. А Русија, со своите незаконски и ѕверски дејствија, постојано докажа дека не е безбедносен партнер на Европа. Всушност, денес на Европа и е потребна безбедност од и против Русија, наместо заедно со неа. Затоа ние, министрите за надворешни работи на балтичките земји, решивме да не присуствуваме на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Остануваме подготвени да работиме со партнерите и земјите-учеснички во поддржувањето на принципите на ОБСЕ и против руската агресија и идеологијата зад неа“,
соопштија министрите во заедничката изјава.
Шефот на естонската дипломатија, Маргус Цахкна, вели: „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.
„Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина ги напаѓа недолжните Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Руската агресија против нејзиниот независен и мирен сосед Украина го прекршува меѓународното право и тоа е напад врз ОБСЕ и нејзините фундаментални вредности. Местото на Лавров е на специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“,
наведува Цахкна.
Инаку, според ротирачкиот принцип, Естонија требаше да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година, но поради противењето на Русија и на Белорусија, наместо неа на челното место во организацијата треба да дојде Малта како компромисно решение.
Клучно е, според Цакхна, веднаш да се стави крај на агресијата врз Украина, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се плати компензација за уништувањето и да се повикаат на одговорност криминалците.
Претходно и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на Самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.