Бакингемската палата објави фотографија од вечното почивалиште на кралицата Елизабета Втора во капелата Свети Џорџ во Виндзор. Изгравирана камена плоча со името на покојната кралица е поставена во меморијалната капела на кралот Џорџ Шести, по приватна служба на која присуствуваше кралското семејство.
Плочата е рачно изрезбана од белгиски црн мермер и има месингани букви со кои се напишани имињата на нејзините родители, кралот Џорџ Шести и кралицата Елизабета, како и имињата на кралицата Елизабета Втора и на нејзиниот сопруг, принцот Филип, кој беше погребан на 17 април 2021 година. Имињата на двата кралски пара се разделени со ѕвезда, а покрај секое име се напишани годините на раѓање и смрт.
Кралицата беше погребана на 19 септември, по државниот погреб во лондонската Вестминстерска опатија на кој присуствуваа светските лидери. Повеќе од 26 милиони луѓе во Обединетото Кралство го следеа погребот, прв за британски монарх што беше емитуван на телевизија.
До гробот има венец што го виделе милијарди луѓе ширум светот за време на историскиот погреб. Венецот го избрал лично принцот Чарлс.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: