Кралицата Елизабета Втора е погребана на приватна церемонија во Виндзор, заедно со нејзиниот покоен сопруг, војводата од Единбург во Меморијалната капела на кралот Џорџ Шести, соопшти вечерва британското кралско семејство. На погребот присуствуваше нејзиното блиско семејство.
Таму е погребан и нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести, нејзината мајка, кралицата Елизабета и нејзината сестра, принцезата Маргарет.
По нејзиниот погреб, официјалниот профил на кралското семејство на Твитер објави фотографија од кралицата како шета на поле. На објавата цитирана е позната шекспирова реплика што нејзиниот син, кралот Чарлс Трети, ја спомна за време на телевизиско обраќање по смртта на неговата мајка.
„Нека ангелите ти пеат додека почиваш. Во спомен на Нејзиното Височество Кралицата. 1926-2022 година“,
се вели во објавата.
‘May flights of Angels sing thee to thy rest.’
— The Royal Family (@RoyalFamily) September 19, 2022
In loving memory of Her Majesty The Queen.
1926 – 2022 pic.twitter.com/byh5uVNDLq
Претходно денеска светските лидери се собраа во Вестминстерската опатија на државниот погреб, а илјадници луѓе беа излезени на улиците за да го видат нејзиниот ковчег додека патуваше низ Лондон до Виндзор. Нејзиниот ковчег потоа бил спуштен во кралскиот свод на капелата Свети Џорџ.
Деканот од Виндзор спроведе приватна погребна церемонија за нејзиното семејство, по што кралицата конечно беше погребана покрај нејзиниот покоен сопруг принцот Филип, војводата од Единбург, ставајќи крај на денот на настани организирани во нејзина чест.