Претседателот на САД рече дека „моментално се води битка во светот меѓу автократијата и демократијата“, а порача и дека побарал дополнителна финансиска поддршка од Конгресот за Украина
Американскиот претседател, Џо Бајден, денеска за време на посета на фабрика на „Локид Мартин“ за производства на противтенковски ракети „Џавелин“, се обрати по повод безбедносната помош за Украина и ги пофали работниците за нивната клучна улога во воената помош за Украина, како и за нивната пожртвуваност и професионалност, пренесуваат американските медиуми.
За време на инвазијата, „Џавелин“ системите се ефективно и масовно користени од украинската армија за одбрана од руските напади.
„Вие правите гигантска разлика со производството на оружјето со што Украинците се борат за слобода и за тоа ви велам благодарам“,
порача Бајден.
Тој информираше и дека САД досега испратиле 5 500 противтенковски ракети „Џаевелин“ во Украина, покрај останатото оружје од сојузниците, а порача дека испораката нема да запре.
„Со ова правиме Путин да биде стратешки победен, со ова храбрите луѓе на Украина се борат против неговата брутална војна да доминира со оваа земја, каде тој извршува воени злосторства“,
додаде тој.
Претседателот на САД рече дека „моментално се води битка во светот меѓу автократијата и демократијата“, а порача и дека побарал дополнителна финансиска поддршка од Конгресот за Украина.
„Досега потрошивме три милијарди долари помош за Украина… Побарав од Конгресот дополнителна поддршка од над 30 милијарди долари за Украинците да ја бранат слободата на боиштата, исто како што успееја да ја одбранат во битката за Киев“,
порача Бајден.
Како што пренесуваат повеќе медиуми, фабриката која денеска ја посети Бајден досега произвела повеќе од 50 илјади ракети.