Бајден порача дека со нетрпение очекува продолжување на нивната соработка, Зеленски го нарече вистински пријател на Украина, а Путин му посака успех во државните активности
Тројцата претседатели Џо Бајден (САД), Владимир Путин (Русија) и Володимир Зеленски (Украина) му честитаа на нивниот француски колега, Емануел Макрон, на вчерашниот реизбор за втор мандат на чело на Француската Република.
Макрон беше еден од ретките лидери кои пред руската инвазија на Украина отпатува во Москва во обид да се спречи ескалацијата, а потоа имаше и серија телефонски разговори со Владимир Путин обидувајќи се да преговара за решение на конфликтот. Тој се приклучи и на санкциите кои го воведоа западните сојузници кон Русија како одговор на нејзината инвазија врз Украина.
Во честитката до него, американскиот претседател Џо Бајден ја споменува токму нивната соработка за украинската ситуација.
„Со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата блиска соработка – вклучително и за поддршка на Украина, во одбрана на демократијата и во борбата против климатските промени“,
напиша Бајден на Твитер.
Путин, пак, му посакал успех на Макрон во идните државни активности.
„Искрено ви посакувам успех во вашите државни активности, како и добро здравје и благосостојба“,
вели Путин во телеграмата до Макрон, според соопштението од Кремљ.
Украинскиот претседател Зеленски, кој пред вториот круг повика да се гласа за Емануел Макрон, му го честиташе реизборот на францускиот претседател нарекувајќи го вистински пријател на Украина.
„Честитки до претседателот на Франција и вистински пријател на Украина, Емануел Макрон, за победата на изборите. Му посакувам на Емануел Макрон нов успех за бенефит на францускиот народ. Ја ценам поддршката на Франција и убеден сум: чекориме заедно кон нови заеднички победи! За силна и обединета Европа!“,
напиша Зеленски синоќа на Твитер.