Во наредбата се наведени повеќе точки за кои лица се однесуваат санкциите, со објаснување дека целиот имот и средства што ги поседуваат во САД не може да бидат пренесени, платени, извезувани, повлечени
Се посочува и на широко распространета корупција во рамки на различните влади и институции на Западен Балкан, што го спречува напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции
Американскиот претседател Џо Бајден издаде нова извршна наредба за конфискација на имот и забрана за влез во САД на лица кои се закана за безбедноста на Западен Балкан.
Со последната одлука на Бајден, се проширува опфатот на санкциите и врз оние лица или ентитети што ги загрозуваат Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор.
Во соопштението од Белата куќа не се споменуваат имиња, но се наведува дека одлуката е донесена поради состојбата на територијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и во Република Албанија, во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопување на повоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широко распространетата корупција во рамки на различните влади и институции на Западен Балкан, што го спречува напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции и со тоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД.
Во наредбата се наведени повеќе точки за кои лица се однесуваат санкциите, со објаснување дека целиот имот и средства што ги поседуваат во САД не може да бидат пренесени, платени, извезувани, повлечени. Станува збор за лица кои:
- Се одговорни или соучесници, директно или индиректно вклучени во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан
- Се одговорни или соучесници во или директно или индиректно вклучени во активности или политики што ги поткопуваат демократските процеси или институции на Западен Балкан
- Се одговорни или соучесници во или директно или индиректно вклучени во кршење, или дело што го попречува или загрозува спроведувањето, каква било регионална безбедност, мир, соработка или договор или рамка за меѓусебно признавање или механизам за отчетност поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата на Обединетите нации 1244 или Меѓународниот механизам за кривични судови за поранешна Југославија.
За овие лица се забранува влезот во САД, освен ако државниот секретар или секретарот за домашна безбедност не проценат дека влезот нема да им наштети на интересите на Соединетите Држави. Со наредбата се забрануваат и донации кои може да ги поткопаат безбедноста и демократскиот напредок на поединечните земји и целиот регион.
Со оваа наредба продолжува да важи националната вонредна состојба прогласена на 26 јуни 2001 година.