Денеска изминуваат 50 дена откако американскиот претседател Џозеф Бајден стапи на должност и, според оценките на политичките аналитичари, администрацијата напредуваше во голем број клучни ветувања за кампањата, додека некои сепак ќе почекаат
Сто дена се првата контролна точка за секоја нова власт во која и да е земја во светот. На 20 јануари, САД добија нов претседател и со тоа нова власт, имајќи предвид дека политичкиот систем во оваа земја е таков што главниот збор го има претседателот.
По само еден мандат (реткост во САД) си замина Доналд Трамп, чие четиригодишно владеење беше исполнето со многу контроверзни одлуки и именувања. Денеска изминуваат 50 дена откако американскиот претседател Џозеф Бајден стапи на должност и, според оценките на политичките аналитичари, администрацијата напредуваше во голем број клучни ветувања за кампањата, додека некои сепак ќе почекаат.
Што вети, а што направи за 50 дена?
Во првите недели од неговиот мандат, Бајден ѝ даде предност на борбата против пандемијата, а фокусот на ова прашање се исплатеше: Бајден е на пат да ја постигне целта за 100 милиони вакцинирани во првите 100 дена од администрацијата.
Бајден исто така презеде голем број чекори во однос на ветувањата за климатските промени и имиграциската политика: САД повторно се приклучија на Светската здравствена организација и Парискиот договор за климатски промени, запрена е изградбата на ѕидот кон Мексико, укинати се ограничувањата за патување на луѓето од неколку земји со мнозинско муслиманско население и формираше работна група за обединување на семејствата разделени на границата меѓу САД и Мексико.
Но, за неколку негови ветувања може да се каже дека беа преголем залак.
Националната стратегија на Бајден за борба против коронавирусот, на пример, предвидуваше отворање на 100 центри за вакцинација низ целата земја до крајот на февруари. Досега администрацијата успеа да отвори 20-тина вакви места за масовна вакцинација со која управува федералната влада.
И повторното отворање на американските училишта, кое беше едно од главните предизборни ветувања на Бајден, се покажа дека е потешко да се исполни. Ова делумно е затоа што одлуката дали учениците ќе се вратат во училиштата зависи од локалните власти и од синдикатите за образование.
Не може да се прескокне Конгресот
Администрацијата на Џозеф Бајден допрва треба да преземе значајни чекори за реформа на судството.
За некои од неговите ветувања ќе бидат потребни активности на Конгресот, како што е повторно одобрување на Законот за спречување на насилството врз жените и за зголемување на даноците за корпорациите.
Бајден, исто така, вети дека усвојувањето на законот за еднаквост, кој забранува дискриминација врз основа на пол, сексуална ориентација и родов идентитет, ќе биде приоритет во неговите први 100 дена. Тој закон беше усвоен од Претставничкиот дом, но не и од Сенатот.