Актуелниот претседател и претставниците на Белата куќа, иако потврдија дека тој има намера да се кандидира, досега никој не потврди дека дефинитивно ќе бара реизбор. Меѓутоа, кај американските гласачи постои скептицизам поради возраста на Бајден и Трамп кои би имале 81 односно 78 години на денот на изборите во 2024 година
Американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Си-ен-ен изрази уверување дека може повторно да го победи неговиот претходник во Белата куќа, Доналд Трамп, при евентуален нивен судир на следните претседателски избори во 2024 година.
И Трамп и Бајден не ја криеја амбицијата дека сакаат да бараат втор мандат, меѓутоа актуелниот претседател и претставниците на Белата куќа, иако потврдија дека тој има намера да се кандидира, досега никој не потврди дека дефинитивно ќе бара реизбор.
Во интервјуто за Си-ен-ен, Бајден рече дека на ова прашање ќе се фокусира по изборите за Конгресот што треба да се одржат во ноември годинава.
„Дали една од калкулациите е дека мислите оти вие сте единствениот што може да го победи Доналд Трамп“, праша новинарот Џејк Тапер во интервјуто, на што Бајден одговори:
„Верувам дека можам повторно да го победам Доналд Трамп“.
Бајден и претходно рече дека ќе го „поздрави“ евентуалниот реванш со Трамп во 2024 година, а на самитот на НАТО во март годинава, одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека ќе има многу среќа ако повторно се кандидира, а противкандидат му биде Трамп.
Додека рејтингот на Бајден веќе неколку месеци е заглавен околу 40 отсто, анкетите сепак покажуваат дека тој води во евентуална трка против неговиот претходник. Една од последните е анкета на „Волстрит журнал“ спроведена на крајот на август годинава која покажа дека актуелниот претседател води со 6 процентни поени (50-44) во потенцијален реванш со Трамп.
Меѓутоа, тука е и скептицизмот на Американците поради возраста на двајцата евентуални кандидати. На денот на изборите во 2024 година, Бајден би имал 81 година, додека Трамп 78. Анкета на „КАПС/Харис“ објавена минатиот месец покажува дека дури 67 отсто од гласачите сметаат оти Бајден не треба да бара нов мандат, додека 57 отсто го одговориле истото и за Трамп.