Џо Бајден и Камала Харис предмалку положија заклетва за претседател и потпретседателка на САД.
Церемонијата за инаугурацијата во Капитол Хил е во тек, а во моментов тече првото обраќање на Бајден како нов претседател. Тој е 46. Претседател на САД, а на функцијата доаѓа откако на изборите во ноември 2020 го победи по републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Прва заклетва даде Камала Харис која стана првата црна жена, која има индиско-јамајканско потекло, и воопшто првата жена потпретседателка на САД.
Претходно, церемонијата на инаугурација ја отвори сенаторката Ејми Клобучар која во инспиративниот говор наведе дека „ова е денот кога нашата демократија ќе се врати и кога Америка ќе се врати. Денес ја славиме првата потпретседателка Камала Харис. Денес се е можно“, рече сенаторката Клобучар, која го најави следниот говорник, како што кажа, нејзиниот драг колега сенаторот Рој Блант.
По двајцата сенатори на говорницата застана и молитва прочита свештеникот Рој О’Донован, кој порача дека „денеска ги признаваме своите минати гревови и се обврзуваме да се грижиме едни за други, особено за оние на кои им е најтешко“.
Американската химна ја испеа Лејди Гага, инаку, блиска пријателка на новиот претседател на САД.
На церемонијата присуствуваат поранешните претседатели Џорџ Буш помладиот, Бил Клинтон и Барак Обама, со сопругите, досегашниот потпретседател Мајк Пенс, како и други високи претставници на политичкиот, економскиот и јавниот живот на САД. Доналд Трамп, пак, одби да присуствува на настанот и замина од Белата куќа.