Утре путерот ќе се уништува на депонијата Дрисла
Запленетиот путер бил со рок на важност до 2019 година, но се продавал со прелепувани декларации на кои бил втиснат рок на траење до февруари 2021 година
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Никола Бабовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека при нивните контроли во млекарницата „Евро Млекара“ ДООЕЛ Скопје се запленети речиси 4,5 тони путер.
„Точно е дека се запленети речиси 4,5 тони, поточно нешто повеќе од 4,3 тони путер со поминат рок, но повеќе детали ќе кажеме во текот на утрешниот ден“,
ни изјави Бабовски.
„360 степени“ дознава дека запленетиот путер бил со рок на важност до 2019 година, но се продавал со прелепувани декларации на кои бил втиснат рок на траење до февруари 2021 година. Односно, при контролите било утврдено дека рокот на декларациите не соодветствува со документацијата за увоз на овој производ.
Ова вечерва го потврдија и од АХВ и додаваат дека спроведени биле дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите.
„Притоа, запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е млекарницата ‘Евро Млекара ДООЕЛ’, достигна скоро 4,5 тони. Дополнително ќе се спроведат контроли и на останатите производи од оваа млекарница“,
се вели во соопштението на АХВ.
Најавуваат дека нивните контроли ќе продолжат и во текот на следнава недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар.
„АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи“,
се вели во соопштението.
Во текот на утрешниот ден на депонијата Дрисла ќе се изврши уништување на запленетата количина путер со поминат рок.
Од АХВ завчера објавија дека од продажба е повлечен путер на производителот Rucker GmbH – Германија, чиј увозник и дистрибутер во земјава е „Евро Млекара“ ДООЕЛ Скопје. Во известувањето пишуваше дека станува збор за 25 килограми во блокови и 5 килограми во канти, откриени при инспекција на 10 март.
Информацијата, пак, дека станува збор за околу 4,5 тони путер ја обелодени вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, што предизвика лавина реакции поради природата на објавата, но и поради драстичната разлика во количината споредено со првичното соопштение од АХВ.