Министерот за здравство ги повика граѓаните да се придржуваат до препораките и да не го уништат она што досега е позитивно постигнато
Во Австрија утре се отвораат продавниците што имаат површина од 400 метри квадратни, со што земјата влегува во одлучувачка фаза од борбата против коронавирусот, објави австрискиот министер за здравство Рудолф Ансшобер и ги повика граѓаните да не упропастат се што досега е постигнато во сузбивање на епидемијата.
„Ја задржавме стапката на новозаразени на досегашното ниво, со денови се регистирани повеќе оздравени отколку заболени, ќе биде голем предизвик за сите“,
рече Ансшобер кој потенцира дека граѓаните кои ќе доаѓаат во продавниците задолжително мора да носат маски.
Во Австрија која има 8,8 милиони жители, до денеска се регистрирани 13 942 инфицирани лица, од кои 7 343 оздравеле, а 36 починале. Бројот на хоспитализирани лица од илјада се намали на 981, вклучително и тие 239 кои се на интензивна нега.
„Тоа е охрабрувачки развој, добро ја надминавме првата фаза од корона кризата. Сега одлучувачката (втора) фаза ќе покаже дали ќе се продолжи со постапно намалување на рестрикциите“,
посочи Ансшобер, кој повтори дека остануваат на сила мерките за физичка дистанца до 1 мај.