Според тамошните власти, непознато лице се обидело да изнуди пари од „Хип“ со контаминација на неговите производи со отров за стаорци.

Австриската полиција уапси 39-годишен маж по обид за уцена на производителот на бебешка храна „Хип“, изјави денеска портпаролката на Јавното обвинителство во Ајзенштат за ДПА.
Обвинителството потврди дека осомничениот е приведен во Австрија. Неговиот идентитет не е откриен од тактички причини поврзани со тековната истрага. Полицијата изјави дека тој е испрашуван.
Според властите, непознато лице се обидело да изнуди пари од „Хип“ со контаминација на неговите производи со отров за стаорци, кои биле пуштени во промет.
Минатиот месец, пет манипулирани тегли со храна за бебиња „Хип“ беа безбедно пронајдени во три земји – Австрија, Чешка и Словачка, пред тие потенцијално да бидат конзумирани. Во Австрија, истражителите пронајдоа вкупно 15 микрограми отров за стаорци во тегла од 190 грама со „моркови со компири“ што беше запленета.
Сите манипулирани теглички имале бела налепница со црвен круг на дното и биле отворени пред продажба. Неодамна се трагаше по шестата потенцијално контаминирана тегличка.
„Хип“ објави повлекување на производот во Австрија.
Набргу откако случајот излезе на виделина, австрискиот весник „Ди Пресе“ објави дека во март до „Хип“ била испратена е-пошта со барање за 2 милиони евра во рок од шест дена, но компанијата не го забележала тоа сè до две недели по истекот на рокот. Компанијата подоцна изјави дека е-поштата била испратена на групна адреса која не се проверува често.
Откако излезе веста во април, и нашата Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека спорната кашичка воопшто не била увезена во земјава.
„Хип“ е семејна компанија основана пред повеќе од 120 години во Баварија, Германија. Денес нејзиното седиште е во Закселн, во швајцарскиот регион Обвалден.
Во минатото, познати компании често биле мета на уценувачки обиди со затруена храна.
