Австралиецот е патник од крузерот „Дајмонд Принцес“, каде со коронавирусот беа заразени над 700 лица
Здравствените власти во Австралија соопштија дека е регистриран првиот смртен случај како последица на коронавирусот, додека истовремено во Ирска е забележен првиот случај на заразен.
„Во Австралија денеска рано утринава од последици на заразата, во болница во Перт, почина 78-годишен маж“, изјави претставикот на здравствените власти од Западна Австралија, Ендрју Роберстон.
Пациентот е патник од крузерот „Дајмонд Принцес“, каде се заразила и неговата сопруга. Дијагнозата му била поставена пред десет дена додека бил во изолација, откако две недели минал во карантин на крузерот во јапонскиот град Јокохама.
На неговата сопруга, на возраст од 70-тина години, исто така пред неколку дена и бил дијагностициран вирусот, но таа засега е во стабилна состојба и се наоѓа во болница.
Кај над 700 патници и членови на екипажот на крузерот е утврден коронавирус, додека бродот кон крајот на февруари беше запрен пред Јокохама, а од нив шестмина починаа.
Си-ен-ен објави дека и Тајланд ја забележа првата жртва од коронавирусот, каде има вкупно 42 заразени лица.
Ирската Влада доцна синоќа соопшти дека е регистриран првиот случај на заразен од коронавирус, а тој бил поврзан со заразата во Северна Италија.
Ирскиот министер за здравство Тони Халохан изјави дека „ тоа не е нечекувано“ и дека здравствените власти се подготвуваат за ситуација на појава на вирусот уште од јануари.
Како што објавија ирските медиуми, станува збор за маж од истокот на земјата.
Прв смртен случај вчера беше регистриран и во САД.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека Кина, каде првпат се појави вирусот во изминатите 24 часа пријавила помал број нови случаи на заразени со коронавирус отколку во претходниот месец.
Надвор од Кина досега се регистрирани 4.351 случај на новиот вирус и тоа во 49 земји, а починати се 67 лица. За 24-те нови случаи на коронавирус заклучено е дека биле пренесени од Италија во 14 други земји, додека 97 случаи биле пренесени од Иран во 11 земји од светот.