Ваквиот непрофесионален однос кон медиумите придонесува не само за фрлање сенка врз транспарентноста на судството, туку и за нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти, се вели во реакцијата на АВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го осудува отстранувањето на присутните сниматели на вчерашната седница на Судскиот совет. Од АВМУ посочуваат дека ваквиот непрофесионален однос кон медиумите придонесува, не само за фрлање сенка врз транспарентноста на судството туку и за нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти.
„Потсетуваме дека е особено важно на сите новинарски екипи да им се обезбеди непречен пристап за известување од настани кои се од јавен интерес, во насока на обезбедување транспарентност и отчетност на институциите“,
се наведува во реакцијата на АВМУ.
На вчерашната седница, прва со новоизбраниот претседател Сашко Георгиев, беше кажано дека поради условите во салата е одлучено снимателите со камерите да не бидат внатре, туку само новинарите.
Одлуката била донесена на колегиум со образложение дека нема доволно технички услови во салата каде што Судскиот совет ги одржува седниците, иако станува збор за истата сала во која заседаваа и досега.
За односот на претседателот на Судскиот совет вчера реагираа и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) кои го осудија непринципиелниот однос на новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, да ги отстрани присутните сниматели, а притоа да им биде дозволено присуство на новинарите на седницата.
Од ЗНМ посочуваат дека не гледаат никаква оправданост во причината за оваа донесена одлука од страна на претседателот Георгиев.
Од ЗНМ очекуваат дека претседателот на Судскиот совет ќе ја преиспита оваа одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите, ќе овозможи услови за присуство на седниците на сите заинтересирани медиумски работници.