Одлуката била донесена на колегиум со образложение дека нема доволно технички услови во салата каде што Судскиот совет ги одржува седниците, иако станува збор за истата сала во која заседаваа и досега
За односот на претседателот на Судскиот совет денеска реагираа од ЗНМ од каде што очекуваат дека Георгиев ќе ја преиспита оваа одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите, ќе овозможи услови за присуство на седниците на сите заинтересирани медиумски работници
Седниците на Судскиот совет веќе нема да може да се снимаат со камера. На денешната седница, прва со новоизбраниот претседател Сашко Георгиев, беше кажано дека поради условите во салата е одлучено снимателите со камерите да не бидат внатре, туку само новинарите.
„Ќе потенцирам во делот на јавноста, таа ќе биде присутна, но камерите само ќе бидат оставени уште минута до две, да го завршат својот прилог за снимање, а потоа камерите ќе мора да ја напуштат седницата. Јавноста останува да биде присутна, а камерите доволно е да бидат присутни само мал дел, а потоа нема потреба. Вие сте присутни. Условите ни се такви дека тоа е најцелисходно, не е тоа нетранспарентно, но е потребно за условите за работа“,
рече Георгиев на почетокот на седницата.
Одлуката била донесена на колегиум со образложение дека нема доволно технички услови во салата каде што Судскиот совет ги одржува седниците, иако станува збор за истата сала во која заседаваа и досега.
На ова единствено јавно се спротвистави поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, но потоа и таа се согласи со одлуката.
За односот на претседателот на Судскиот совет денеска реагираа и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Оттаму го осудуваат денешниот непринципиелен однос на новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, да ги отстрани присутните сниматели, а притоа да им биде дозволено присуство на новинарите на седницата.
„Ова е лоша пракса, што може да биде лесно преземена и од други институции и да придонесе кон нарушување на правото на јавноста да биде целосно информирана за работата на судските власти. Фактот дека една долго воспоставена позитивна пракса за следење на расправата со присуство на сниматели е прекината со едно нелогично образложение дека снимателите ја попречуваат работата и влијаат на концентрација на присутните, без притоа претседателот Георгиев да објасни на кој начин снимателите одеднаш станаа пречка за работењето на советот“,
се наведува во соопштението на ЗНМ.
Од ЗНМ посочуваат дека не гледаат никаква оправданост во причината за оваа донесена одлука од страна на претседателот Георгиев.
„Согласно Деловникот за работа на Судскиот совет, поточно во член 7 таксативно се наведени околностите со кои може да се исклучи јавноста, но во конкретниот случај не е исполнет ниту еден услов за тоа. Бараме овој инцидент да биде еден непријатен исклучок и во иднина Судскиот совет да работи согласно своите надлежности и неговата работа да биде отворена за јавноста како со присуство на новинарите, така и за снимателите“,
пишува во соопштението.
Од ЗНМ очекуваат дека претседателот на Судскиот совет ќе ја преиспита оваа одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите, ќе овозможи услови за присуство на седниците на сите заинтересирани медиумски работници.
Минатата недела со осум гласа „за“ и четири „против“, на седница на Судскиот совет која беше закажана надвор од работното време, за нов претседател беше избран Сашко Георгиев, откако претходно Весна Дамева на 26 април беше разрешена во контроверзна постапка, кога нејзиниот заменик Селим Адеми, во нејзино присуство, го презеде раководењето со седницата и стави на дневен ред гласање за нејзино разрешување. Тогаш, „за“ гласаа седум члена: Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиев, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.