Согласно законските процедури, по назначување нови директори на овие клиники од страна на министерот, јавноста навремено ќе биде информирана, велат од МЗ
По барање на министерот за здравство Беким Сали, денеска до Министерството за здравство своите оставки ги поднеле директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев, информираат од МЗ.
Согласно законските процедури, по назначување нови директори на овие клиники од страна на министерот, јавноста навремено ќе биде информирана, додаваат оттаму.
Министерот Сали минатата недела изјави дека ќе бидат преземени соодветни мерки, односно ќе ги разрешат или казнат директорите доколку под нивно влијание се формирале платите во клиниките.
„Фондот за здравствено осигурување направи увид во неколку клиники и финалниот извештај сè уште се чека. Добиен е само извештај од Детската клиника кој укажува дека има неправилности во прераспределба или организирање на исплатите по однос на дежурствата и другите ангажмани при формирањето плата за еден вработен“,
рече Сали.
Увидот во клиниките од страна на Фондот следуваше откако ТВ Клан објави дека директорката на Детска клиника, Аспазија Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.
Според новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.
Ваквите информации ги демантираше Софијанова.
„Ниту еден денар немам земено надвор од мојата работа, работам само на Клиниката за детски болести и никаде на друго место. Начинот на пресметка на дежурства е утврден со соодветен правен акт и тој се почитува до детаљ. И на крај, никогаш мојата плата не била 300 000 илјади денари“,
реагираше таа.