Асаф Абдурамани е именуван за в. д. директор на Фондот за здравствено осигурување, откако Владата на денешната седница ја констатира оставката на Фатон Ахмети

Владата на денешната седница ја констатира оставката на Фатон Ахмети од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, соопштија од владината прес-служба. На негово место, за в. д. директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е именуван Асаф Абдурамани, но во владиното соопштение нема наведено повеќе информации за него.
Фатон Ахмети денеска преку социјалните мрежи се прости од функцијата генерален директор во Фондот за здравствено осигурување. Тој на социјалните мрежи напиша дека поднел оставка за да се посвети на партиските задачи, со максимална посветеност во реализација на визијата на Али Ахмети.
Ахмети беше директор на Фондот за здравствено осигурување од 2021 година, а неговото директорување ќе се памети по тоа што среде хакерските напади кои предизвикаа големи проблеми во дејствувањето на институцијата што ги остави здравствените работници без плата, а аптеките не можеа да ги услужат осигурениците со лекарства навреме, тој замина во САД на партиско патување и одби да се врати во земјата.
Откако беше обвинет дека заминал во САД на одмор, тој кажа дека не е на годишен одмор, туку дека таму престојува на покана на Стејт департментот на програмата ИВЛП, а патувањето било планирано неколку месеци пред тоа.