Во кусото соопштение од Град Скопје не се наведени причините за смената на досегашниот в.д. директор Драган Илиевски, а нема ниту повеќе детали за биографијата на неговиот наследник, Виктор Панчевски. Панчевски е четврти директор на ова Јавно претпријатие откако на чело на Град Скопје е Данела Арсовска, по победата на локалните избори во 2021 година
Од денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ има нов в.д. директор. На функцијата, како што соопштија утрово од Град Скопје под чија надлежност е претпријатието, е назначен Виктор Панчевски, кој доаѓа на местото на Драган Илиевски.
Најновата промена на директорската позиција во „Водовод и канализација“ е трета по ред во мандатот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Во кусото соопштение од Град Скопје, покрај информацијата за назначувањето на Панчевски, се наведува дека тој доаѓа на функцијата како професионалец со силна биографија од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„На местото нов в.д. директор на ЈП ’Водовод и Канализација’ е назначен Виктор Панчевски. Панчевски доаѓа на позицијата како професионалец од јавното претпријатие ’Паркови и зеленило’, со силна биографија, кој значително може да придонесе во унапредување на работата на јавното претпријатие“,
се вели во соопштението од Град Скопје.
Во него не се наведени причините за смената на досегашниот в.д. директор Драган Илиевски, а нема ниту повеќе детали за биографијата на неговиот наследник, Панчевски.
Од Градот единствено додаваат дека во наредниот период ЈП „Водовод и канализација“ реализира сериозни проекти за кои е неопходен нов начин на менаџирање со претпријатието.
Панчевски е четврти директор на ова Јавно претпријатие откако на чело на Град Скопје е Данела Арсовска, по победата на локалните избори во 2021 година.
За директор на претпријатието тогаш таа го постави Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија поддршка Арсовска стана градоначалничка на главниот град.
Но, неговото директорување не траеше долго и беше сменет од функцијата кон средината на септември 2022 година, кога Арсовска влезе во отворен конфликт со ВМРО-ДПМНЕ и нејзините кадри во Град Скопје и во јавните претпријатија под негова надлежност.
Перински беше разрешен од скопската градоначалничка поради наводно самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендерот за пречистителна станица, вреден 136 милиони евра.
Оваа постапка беше наведена и како повод за разрешување на тогашниот генерален секретар на Градот, Ѓоко Велковски, инаку сега актуелен министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада предводена од Талат Џафери.
На местото на Перински во „Водовод и канализација“ за в.д. директор беше назначен Марјанчо Митовски, но и тој не се задржа долго на функцијата.
Тој беше сменет, по само пет месеци, односно кон средината на јануари 2023 година, а на негово место беше назначен Драган Илиевски.
Илиевски претходно беше в.д. директор на Зоолошката градина. Опозициската СДСМ во Советот на Град Скопје неколку месеци обвинуваше дека тој незаконски е поставен за в.д. директор на Зоолошката градина бидејќи не бил вработен таму.
Тој на функцијата се задржа нешто повеќе од една година, пред да стигне денешната информација од Град Скопје дека ЈП „Водовод и канализација“ има нов в.д. директор.
Инаку, претходно немаше никаква информација од Градот дека Илиевски повеќе не е директор на ова скопско јавно претпријатие.