Мандатарот Ковачевски вчера рече дека според законите топлинската енергија и БЕГ, односно целата инфраструктура за затоплување со парно греење е во надлежност на Град Скопје и ја истакна можноста за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје кои се задолжени да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на Град Скопје
Пет месеци се доцни за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата, смета градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, коментирајќи ја денеска вчерашната изјава на мандатарот Димитар Ковачевски, дека обврска на Градот е решавање на енергетската криза во Скопје.
„Би ја поздравила изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно и сакам да го посетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање на одговорноста на институции што немаат ниту средства, ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката. Оваа Влада има, исто така, обврска кон општините и граѓаните, особено бидејќи тие се оставени без средства и задолжени се до максимум“,
изјави Арсовска.
Според неа, какви било конструкции и приказни за тоа дека некој ги спасува граѓаните во услови кои има енергетска криза е крајно несериозно, додавајќи дека префрлањето на вина или обидите на оној кој не презема мерки во кризава, да се прикаже како спасител е дегутантно и непотребно бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми.
Ковачевски вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека според законите, топлинската енергија и БЕГ, односно целата инфраструктура за затоплување со парно греење е во надлежност на Град Скопје.
„Град Скопје треба да биде свесен дека треба и тие да предвидат мерки, кои очигледно не се предвидени во рамки на нивниот буџет за справување со оваа криза. Без оглед на тоа, веќе во Владата економскиот тим одржа состанок на кој се разгледа ситуацијата и прво сите владини институции веќе плаќаат цена за топлинска енергија по пазарни услови, што значи според цената на гасот која ја набавува операторот на системот во Град Скопје. Како второ, Министерството за финансии обезбеди финансиски средства на БЕГ за набавка на гас од Развојната банка на Република Северна Македонија“,
изјави претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека средствата им се понудени, но за тоа БЕГ како приватна компанија треба да понуди гаранција со која ќе го обезбеди кредитот, според пазарни, банкарски услови.
Доколку тоа не се случи, како што рече, тогаш се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје кои се задолжени, согласно своите лиценци, да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на Град Скопје, бидејќи, како што рече Владата нема да дозволи граѓаните да останат без парно греење во зима.