Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ 11 месеци договарале тендери за кои самите тие зборуваат на прес-конференции. Не можеле да се договорат за провизиите, па излегоа на телевизија и сега се караат, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МТВ, коментирајќи ги случувањата во Град Скопје
ВМРО-ДПМНЕ, додаде премиерот, да се занимаваше со проблемите на граѓаните наместо со тендери, Град Скопје ќе ја преземеше обврската и управувањето со парното на скопјани. Наместо тоа, вели Ковачевски, таа обврска мораше да ја преземе Владата
Коментирајќи ги случувањата во Град Скопје од последните неколку недели, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека, всушност, градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ 11 месеци договарале тендери за кои самите тие зборуваат на прес-конференции.
Не можеле да се договорат за провизиите, додава премиерот, па излегоа на телевизија и сега се караат.
„Тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните, тие се занимавале со тендери. Обврската што ја зеле пред граѓаните да ја исполнат или да излезат и да се извинат на граѓаните за се она што ги излажаа на локалните избори во 2021 година. И градоначалничката и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и сите што беа вклучени во кампањата. Затоа што тие кампањи беа јавни и се е снимено“,
рече Ковачевски во интервју за Македонската радио-телевизија (МРТ).

Ковачевски потенцира дека она што се случува во Град Скопје се кавги во ВМРО-ДПМНЕ за тендери и интереси, а дека главните проекти важни за Скопје и скопјани се стопирани. Поради тоа, побара сите преземени обврски да се завршат во интерес на граѓаните.
„Постојат проекти во Скопје кои се стопирани за кои има меѓународни кредитори, за кои државата ќе плаќа пенали. Каде е брзиот автобуски транспорт во Скопје? Проектот не се реализира. Каде е пречистителната станица за којашто се расправаат кој колку провизија планирал да земе? И тоа не се реализира. Каде се автобусите што ги преговарал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нели кажа дека преговарал за автобуси? Па, и за фабрика за автобуси. Сега нема ни автобуси, ниту фабрика за автобуси. А ниту имаме проект за бас рапид транспорт. Каде е Универзалната сала? Тоа е проект направен со обезбедено финансирање. Каде е клучката во Момин Поток? Стои недоправена. Зошто? Затоа што тие се занимавале само со тендерите и кој ќе ги земе провизиите“,
рече Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде премиерот, да се занимаваше со проблемите на граѓаните наместо со тендери, Град Скопје ќе ја преземеше обврската и управувањето со парното на скопјани. Наместо тоа, вели Ковачевски, таа обврска мораше да ја преземе Владата.
„Парното во Скопје е обврска на Град Скопје. Меѓутоа, сите бевме сведоци кога градоначалничката на Скопје и нејзината политичка партија што ја поддржа, ВМРО-ДПМНЕ, со резигнација одбија да управуваат со нешто што е комунална услуга. Државата мораше да преземе бидејќи е одговорна и бидејќи мора да мисли на сите, да го преземе управувањето. Мене сега ми станува јасно зошто тие тоа го одбиле. Затоа што тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните. Тие се занимавале со тендери“,
потенцира Ковачевски.
Или нека ги исполнат обврските што ги зеле или нека им се извинат на граѓаните за се она што ги излажаа, заклучи премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто на Националната телевизија.