На настанот организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ се прикажа најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh. Министерката за одбрана Славјанка Петровска кажа дека станува збор за модерна софистицирана опрема и дека досега се доставени вкупно шест возила, а оти до крајот на годината ќе стигнат уште 27 исти вакви возила
Со традиционално испукување на плутони, прикажување на најновата воена опрема, показни вежби и концерт на воениот оркестар, на Воениот стадион во Скопје вечерва се одбележа 30-годишниот јубилеј на Армијата на Република Северна Македонија.
На манифестацијата по повод три-деценискиот јубилеј на АРМ присуствуваа министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз и други гости.
На настанот организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ се прикажа најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh, вештините на армиските специјалци, како и презентација на вежба со армиски кучиња.
„Овој настан замислен е како начин на кој што го прославуваме Денот на Армијата кој всушност е утре, меѓутоа ова е ден специјално за граѓаните. Затоа е и направен овде на Воениот стадион затоа што е лесно достапен и сите граѓани може да дојдат. Изложена е најголем дел од опремата која ја поседува нашата Армија“,
истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на вечерашната изјава за медиумите.
Министерката додаде дека станува збор за модерна софистицирана опрема и дека досега се доставени вкупно шест возила, а оти тие се дел од големите планови за модернизација на Армијата.
До крајот на оваа година, како што информира Петровска, ќе стигнат уште 27 исти вакви возила, а до 2028 година треба да се испорачаат сите, со коишто ќе се заокружи комплетната бројка од 96 возила.
По презентацијата на воената опрема и воените вештини следуваше концерт на Воениот оркестар како и богата музичка програма.
Во рамки на активностите со кои Армијата го одбележува својот 30-годишен јубилеј, претходно денеска се одржа свечен собир на вработените во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
На собирот, како што информира Министерството за одбрана, беа доделени голем број признанија за остварените резултати и за придонесот за Армијата. Во повисок чин беа унапредени припадниците на Армијата кои ги исполнуват условите. Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски доделија признанија и на претставници од институциите со кои соработуваат Министерството за одбрана и Генералштабот.