„Кога полициски службеници се обиделе да ги запрат, првоосомничениот возач на автомобилот додал гас обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе. Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Осомничените веднаш биле приведени, а дрогата запленета“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство
Тетовското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени кои вчера беа фатени со 30 килограми марихуана на наплатна рампа на автопатот Гостивар – Тетово.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, двете лица се товарат за кривичното дело неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекусори.
Обвинителството во соопшти нови детали во врска со полициската акција за апсење на осомничените која, како што може да се заклучи од наведеното, за момент наликувала на сцена од акционен филм бидејќи полициските службеници морале да употребат оружје за да го запрат возилото во кое двете лица ја превезувале дрогата.
Имено, тие биле принудени да пукаат во тркалата на автомобилот откако возачот на автомобилот, кој е првоосомничен во случајот, го стиснал педалот за гас во обид да им побегне на полицајците.
Дека акцијата не поминала рутински и дека осомничените се обиделе да побегнат, а притоа удриле во полициското комби, беше наведено и во вчерашното соопштение на Министерството за внатрешни работи за акцијата, но не и дека било употребно оружје за запирање на осомничените.
„Двајцата соизвршители, на 24 март, на наплатна рампа на автопатот Гостивар-Тетово, неовластено заради продажба држеле 30 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата била спакувана во 25 пакувања во автомобилот на осомничените. Кога полициски службеници се обиделе да ги запрат, првоосомничениот возач на автомобилот додал гас, обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе. Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Осомничените веднаш биле приведени, а дрогата запленета“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Поради обидот за бегство и оштетувањето на полициското возило, првоосомничениот тетовското Обвинителство го товари и за кривичното дело предизвикување општа опасност согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог на двајцата осомничени да им биде одредена мерка притвор.
Инаку, од Министерството за внатрешни работи вчера соопштија дека се запленети 35 килограми марихуана чија вредност се проценува на 100 000 евра.
Оттаму соопштија и дека станува збор лицата А.К. (32) кој го управувал возилото во кое била дрогата, а сопатник му бил О.А. (23) – двајцата од Арачиново.
„При извршен преглед во багажниот простор на возилото пронајдени се 4 вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 кг, со вредност од околу 100.000 евра. На самото место на наплатната станица Тетово излезе и јавен обвинител од ОЈО Тетово кој го раководеше увидот. Малку подоцна, по добиена судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица во с. Арачиново, при што се пронајдени предмети поврзани со кривичното дело“,
беше наведено во соопштението на МВР.
Против А.К., МВР, како што информираат оттаму, подолг временски период преземало мерки и активности за негово пронаоѓање и лишување од слобода, бидејќи се барал со централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде што доиздржувал затворска казна од околу шест и пол години.
Инаку, од Јавното обвинителство денеска информираа и за поднесено обвинение против три лица за неовластена продажба на амфетамин со тежина од седум килограми која требало да се случи во скопско Катланово во средината на декември 2022 година.
Според обвинителството амфетаминот, со вкупна маса од 7 044 грама, требало да биде продаден за 15 000 евра, додека вредноста на црниот пазар би изнесувала 40 000 евра.