Апликацијата „Стоп Корона“ од денеска и официјално е достапна на мобилните уреди. Станува збор за мобилна апликација наменета за откривање на близок контакт на потенцијално заразени лица, соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
„Изработена е според најдобрите светски практики. Апликацијата е значајна бидејќи ќе даде брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во последните 14 дена. Помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување“,
рече Манчевски.
Тој информираше дека оваа апликација функционира на доброволна база, односно кога лице ќе добие позитивен тест на ковид -19, може доброволно да ги прати податоците преку својата апликација до Министерството за здравство, преку избор на соодветната акција „Прати податоци“. За корисниците на андроид потребно е кога ќе го активираат блутутот да го активираат и ГПС.
Манчевски, додаде дека, апликацијата нема да го користите податоците за локација, бидејќи не е важно местото каде мобилните уреди се сретнале, туку нивната близина.
„Важни ни се податоците од тоа дека апликациите во одредено време биле во одредена близина. Локацијата никаде не се бележе и никој не може да ја знае“,
вели Манчевски.
Дирекцијата за заштита на лични податоци, според Манчевски, дала дозвола и гаранција дека апликацијата нема да ги наруши личните податоци на корисниците.
„За да се симне оваа апликација потребни се неколку чекори. Прво се регистрирате преку вашиот мобилен број, па потоа го внесувате кодот што ќе го добиете на смс порака и го вклучувате блутутот секогаш кога сте во движење надвор од вашиот дом. Испраќате податоци само и единствено доколку сте биле тестиран и сте позитивен на коронавирусот“,
вели Манчевски.
За граѓаните да бидат посигурни дека апликацијата нема да ги злоупотреби нивните податоци, една недела група на експерти ќе имаат пристап до изворниот код на апликацијата по што ќе го дадат и нивното стручно мислење до јавноста.
Министерот Венко Филипче, пак, нагласи дека сме во фаза на дочекување на пикот на епидемијата и дека треба да се амортизира ударот кон здравствениот систем, а апликацијата значајно ќе ја олесни работата на епидемиолозите зашто преку неа ќе се се стигне до примарните и секундарните контакти на инфицираните лица.
Оваа апликација, според него, ќе биде на некој начин замена и за епидемиолошката анкета.
„Мислам дека значајно ќе се придонесе да се откријат дури и непознатите или несвесно направените контакти, а со тоа за многу пократко време да се стави крај на епидемијата во нашата земја“,
рече Филипче.
Апликацијата ја изработи и донираше фирмата „Некстенс“ чиј директор, Васко Кроневски, рече дека успеле за неполни 10 дена да стигнат до развојот на апликацијата.
Тој повика што е можно помасовно да се користи апликацијата зошто од тоа ќе зависи и успешноста на овој проект.
„Тргнавме од неколку основни предуслови, прво дека сакаме да ги заштитиме приватните податоци на корисникот односно што и да се случува во следењето на евентуалната изложеност да се чува тоа на локалниот мобилен телефон и тоа да биде споделено исклучиво со негова согласност и негова волја. Не се користи следење на локација, туку исклучиво се користи блутот протокол и тоа ‘лоу енерџи’ кој нема да ја троши вашата батерија во значителен обем туку минимално“,
рече Кроневски.