Антикорупциската комисија смета дека не постојат правни пречки за разрешување на директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје и кандидат за пратеник од ДУИ, Арбен Зибери, за кого министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе биде сменет од функција поради неговата изјава во која тој се пофали дека издејствувал Комисијата за заразни болести да предложи отворање на границите со цел да се вратат иселениците и да гласаат на избори за премиер Албанец.
„Ние како комисија не гледаме правни пречки за да се спроведе мислата на министерот, дотолку повеќе што во забраните во изборниот законик и во нашиот закон стои дека се забранува покренување постапка за престанок на работен однос. Тој ќе се промени од функцијата, но неговиот работен однос ќе си продолжи и понатаму како што си работел пред да биде директор. Законот вели дека е забрането започнување на постапка за вработување или за престанок на работен однос, значи за престанок на работен однос, а не за престанок на функција“,
вели претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска во изјава за Канал 5.
Коментирајќи ги најавите за негово разрешување, Зибери во изјава за „360 степени“ го обвини министерот Филипче дека ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања и порача дека како кандидат за пратеник имал право на политички ставови.
Филипче пак, му возврати дека тоа што е во изборна кампања не му дава право „да изнесува невистини и да ја поткопува работата на Комисијата“.