Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР, токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на системот
Државната комисија за спречување на корупција ќе ја истражува набавката на софтверот за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што лани го купил Генералниот секретаријат на Владата, Драги Рашковски, а како што објави „360 Степени“ и по осум месеци откако е испорачан не е во функција.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека на утрешниот колегиум ќе предложи отворање на постапка по допрен глас за да се истражи процесот на набавката. Најавува дека ќе побараат од Владата да им биде даде на увид планот за таа набавка и образложение зошто се купил софтвер, кој не е во функција.
„Ќе отвориме предмет по сопствена иницијатива по допрен глас од медиумите за набавката на Генералниот секретаријат кој купил софтвер за потреби на друга институција, а таа институција не го користи. Тоа се доволно елементи да го отвориме предметот па ќе видиме што понатаму“,
вели Ивановска.
Како што објави „360 Степени“, софтверот вреден 81 000 евра е купен лани, но и по осум месеци откако е испорачан не е во функција. Набавката ја спровел Генералниот секретаријат на Владата, Драги Рашковски, кој рече дека софтверот треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР планира да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор. Но, од МВР посочија дека планираат свој проект за изрекување казни преку видеонадзор и дека за набавката на овој софтвер, со нив немало координација.
Премиерот Зоран Заев пак, на денешната прес-конференција рече дека има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР, токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на самиот систем. Премиерот рече дека побарал од службите да ги соберат сите документи од набавката на софтверот што ја спровел Генералниот секретаријат. Вели дека не се сомнева во процесот на набавка, но дека деталите ќе бидат објавени јавно.