Од опозициската партија реагираат дека ексгенералниот секретар на Владата фрлил народни пари за систем што осум месеци не е во функција
Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, набавил софтвер за следење на сообраќајни прекршоци за потребите на МВР, со народни пари, а во Министерството не знаат ниту дека тој постои, реагираа денеска од ВМРО-ДПМНЕ, по прилогот на оваа тема на „360 степени“.
„Секој ден нов скандал. Рашковски фрлил народни пари, за систем кој осум месеци не е во функција. Драги Рашковски потрошил државни пари за софтвер кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку сега воопшто не е во функција. Драги Рашковски само за ова треба да лежи во затвор. Владата платила софтвер, за кој никој не знае дали воопшто некогаш ќе се користи“,
се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Рашковски треба да каже зошто го набавил софтверот, затоа што, како што се наведува, ако МВР не знае за него, тоа значи дека воопшто не е ни испробан.
„Кого прашал Рашковски и врз база на која анализа и потреба е купен софтверот? Дали набавката на софтверот е уште еден ‘Леонардо вил вин’? Го повикуваме МВР веднаш да каже дали нарачало софтвер од Рашковски и дали тој за тоа добил овластување од Владата. Таа да каже како во време на пандемија воопшто дозволиле набавка на неприоритетна опрема? Колку вакцини можеле да се купат со парите што Рашковски ги фрлил за софтверот кој никој не го користи? ЈО да го испита случајот и да се види целиот процес при набавка. А доколку се колеба и е во соработка со Заев, тој ќе биде истражен по промената на власта наскоро. Одговорност ќе има“,
се нагласува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што објави „360 степени“, претходната влада на Зоран Заев купила софтвер што ќе овозможи автоматско казнување на сообраќајните прекршоци. Иако изминаа повеќе од осум месеци од датумот кога софтверот требало да биде испорачан, камерите не изрекуваат казни. Софтверот не го купило ресорот МВР, туку Генералниот секретаријат на Владата – тогаш предводен од Драги Рашковски. Тој вели дека испораката била навремена, а дека софтверот не е во функција од други причини.
„Софтверот е предаден, истестиран и е комплетно во сопственост на Северна Македонија. Меѓутоа, поради почетокот на короната и поради тоа што има потреба од одредени законски измени што треба да следуваат, пред сѐ во делот на заштита на личните податоци, треба да се види дали се поклопува негде со заштита на приватноста на луѓето. Сите тие сегменти беа опфатени, се почна со една работна активност и се чека поминување на пандемијата која сега полека гледаме дека стивнува за да се финализира целокупниот процес за негова понатамошна примена“,
вели Рашковски.