Имаме отворено предмет и се постапува, кажа денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска како одговор на новинарско прашање за ДУП „Буњаковец“, кој го опфаќа просторот на поранешната фабрика „Треска“.
„Имаме отворено предмет, затоа што меѓу членовите на Комисијата кои се именувани од Општината членуваат и сопствениците на парцелата, и сега тука се доведува во колизија приватниот интерес на сопствениците, наспроти јавниот интерес што треба Општината да го уреди, така што во постапка сме на обработка на тој предмет. Кога ќе ги собереме податоците, информациите, ќе излеземе со наш став, затоа што не може да се дозволи некој што има личен интерес да одлучува во името на јавниот интерес“,
рече Ивановска.
За локацијата еднаш беше донесен ДУП, изработен од „Ин-пума“, а по нарачка на едно од претходните раководства во оваа локална самоуправа, во 2012 година. Решението беше – на земјиште на поранешната фабрика да „никнат“ 30 нови згради.
Тој ДУП, заедно со десетици други, беше стопиран од страна на Општина Центар на крајот на 2017 година во обид да се усогласат со Генералниот урбанистички план на Градот. По повеќе обиди планот да се смени, во февруари годинава, делот за „Треска“ беше издвоен од ДУП „Буњаковец“ и тој треба да оди на конкурс. За спроведување на конкурсот беа формирани две комисии, една која треба да ги подготви спецификациите на набавката и втора која треба да изврши избор на најдоброто предложено решение. И во двете комисии влегоа и сопственици на парцели на спорната локација, што е и причината за „истрагата“ на ДКСК.
За една од последните поголеми атрактивни парцели во Центар се води долга битка. Како што веќе објави „360 степени“, уште пред Општината да одлучи да го раздвои делот за „Треска“ од ДУП „Буњаковец“, дел од газдите на парцелите на поранешната фабрика почнале партнерски односи со градежни фирми, а потоа и со планерската компанија „Ин-пума“, која до скоро беше најмена од Општина Центар за изработка на Деталниот урбанистички план.
Образложението на управителката на „Ин-пума“ за „360 степени“ беше дека нема ништо спорно ниту, пак, имало судир на интереси поради тоа што градежни компании и сопственици на парцели кај „Треска“ имаат сопственички удел во планерската компанија. Не биле исти правни субјекти и извршуваат различна дејност. Таа додаде и дека плановите поминуваат низ многу филтри и дека ако имало нешто спорно деталните урбанистички плановите не би поминале низ стручните комисии во локалната и во централната власт.