ДКСК не поднела мислење до Собранието оти пратениците ги претркаа и експресно гласаа, но на претседателот ќе му укажат да не става потпис на указот за прогласување на законот, затоа што сметаат дека постои висок ризик од корупција. Ако претседателот, сепак, го потпише, следен чекор на антикорупционерите е да го оспорат пред Уставен суд
Со вчерашното експресно гласање на пратениците за Законот за градење на коридорите 8 и 10Д, Антикорупциската комисија е „претркана“ и не успеала да му достави на Собранието мислење за законот по извршената антикорупциска проверка. Сепак, Државната комисија за спречување корупција своите забелешки ќе му ги достави на претседателот на државата Стево Пендаровски. Го повикуваат да не го потпишува указот за прогласување на законот, со образложение дека станува збор за правен преседан.
ДКСК смета дека законот ги крши уставните начела за слобода на пазарот, како и начелото дека Републиката ќе преземе мерки против монополска положба.

Антикорупционерите сметаат дека законот има правни празнини, отворен простор за субјективизам, политичко влијание, а самото донесување по скратена постапка е висок фактор ризик за корупција.
„Суспендирањето на позитивното право и кршењето на уставните темелни вредности овозможува можности на злоупотреба за остварување на корист, директно влијание, отворен пат за коруптивни дејствија, но и можни состојби на судир на интереси како предворје на корупцијата, директен атак врз сите антикоруптивни мерки и активности кои се преземаат… Самиот начин на гласање – како може од 101 пратеник, 51 да се ‘за’, а нула да се ‘против’ и нула да се ‘воздржани’?“,
кажа претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

За антикорупционерите дискутабилно е и под кои околности за изведувач е избран американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кој Владата уште во март склучи Меморандум за соработка.
„Самиот овој закон што веќе е донесен, овозможува заживување на Меморандумот што Владата веќе го потпиша. Останува нејасно, како е избрана оваа компанија за стратешки партнер? Кога се носат вакви закони, сепак, на одреден начин, мора да има транспаретност, да има дебата, особено со претставници од експертската фела, за да се види кои се предностите, но кои се и недостатоците. Недостатоците се очигледно големи или во најмала рака ризични. Медиумите во повеќе наврати пренесоа статии дека и досега таа компанија градела во регионот, меѓутоа, многу често била поврзана со корупциски скандали, така што, немаме никакво образложение зошто е избрана за стратешки партнер, без јасни критериуми, без цени и сето тоа ќе доведе до потешкотии во самата реализација на проектот“,
кажа Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Антикорупиционерот Нури Бајрами, пак, потсети на искуствата на државата со градење на автопати со договори во четири очи, како на пример, автопатот Кичево-Охрид со кинеската компанија „Синохидро“, за кој подоцна се отвори и судски предмет.
„Ние слушнавме, помина 7 години со тој договор во четири очи, остана неразјаснето колкава штета е направена, па сега се продолжува во четири очи. Ние мора да реагираме, бидејќи не е наведено нешто од Уставот како образложение. Тоа мора да го укажеме без оглед на интересот, сега се брза на она што се чека 30 години. Ние мора да сме дел од тие коридори, но зошто нема образложение… Сите ќе ги затвориме очите, ама за што? Да ни се повтори уште еднаш Синохидро?“,
кажа Нури Бајрами.

Антикорупционерите велат дека доколку претседателот го потпише указот за прогласување на законот, следен чекор е тие да го оспорат пред Уставен суд.
Собранието вчера по скратена постапка го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Ниту Пендаровски не ги послуша антикорупционерите, законот за автопатите стапува на сила