Милошоски увидел спротивставени сведочења, зашто Филипче во излагање на 17 октомври рекол дека не бил запознаен за непостоењето протоколи и стручен конзилиум на Онкологија, а дека поранешниот директор на клиниката, Нино Васев, како што рече, „ги демантирал исказите на Филипче”, зашто во своето сведочење кажал дека праќал извештаи до кабинетот на министерот за здравство
Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Онкологија денеска ги почна новите 30 дена мандат, во кои ќе треба да ги анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на околу 60 сведоци кои изминатите 30 дена беа сослушувани во Собранието. Пратениците од власта и опозицијата имаат различни ставови околу тоа која е нивната задача во дополнителниот рок во кој се разгледува документацијата.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски „примарната политичка одговорност” за злоупотреби на Онкологија ја носи поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Милошоски увидел спротивставени сведочења, зашто Филипче во излагање на 17 октомври рекол дека не бил запознаен за непостоењето протоколи и стручен конзилиум на Онкологија, а дека поранешниот директор на клиниката, Нино Васев, како што рече, „ги демантирал исказите на Филипче”, зашто во своето сведочење кажал дека праќал извештаи до кабинетот на министерот за здравство.
„Од овие излагања имам констатација – или за неговорење на вистината од Венко Филипче, дека не бил запознат со состојбата на Онкологија, или бил запознат, но тоа не сакал да го каже“,
рече Милошоски.
Милошоски рече дека екс министерот не постапил по член 295 став 1 од Законот за здравствена заштита, според кој, министерот за здравство врши надзор над работата над здравствените установи.
Пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ рече дека работата на Анкетната комисија се политизира и Милошоски донел, како што рече, „личен заклучок” и дека членовите на комисијата треба да ги разгледаат материјалите што ги собрале и заедно да утврдат заклучоци што ќе ги достават до Собранието.
„Ние треба да разгледуваме документи, а не од парафразирани изјави да се носат заклучоци и врз основа на тоа и обвинение. Ние не сме суд, не сме обвинителство“,
рече Коциќ.
Според Арбен Зибери, бесмислено е да се анализира кој што кажал на сослушувањето и за тоа да може да се направи на комисијата ќе и треба една година, а на ваков начин „се влегува во политичка дебата”, а тие, рече тој, немаат мандат за тоа.
„На ваков начин ќе се деградира работата на комисијата и целта за која е формирана. Слушнавме сведоци и треба да излеземе со заклучоци, а не да дебатираме што кажале и дали ја кажале или не ја кажале вистината“,
рече Зибери.
По полемиката каква обврска има комисијата, откако ги собра материјалите од сослушувањето, пратениците членови на Анкетната комисија заминаа на пауза за да се координираат.
Претседателката на Анкетната комисија и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, во петокот, најави дека нејзината пратеничка група побарала од Собраниеото да се продолжи работата на Комисијата затоа што, како што рече, се појавиле нови и важни факти и околности за Анкетната комисија, што, според неа, можат да придонесат до конечното утврдување на прекршување на уставните и законските одредби, како основ за утврдување на политичка одговорност.
Пред Анкетната комисија, изминатите 30 дена, сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова, државниот обвинител Љубомир Јовески, како и други лица и функционери.
Мизрахи, пред една недела, во телевизиско гостување, рече дека дури и да се утврди одговорност кај поранешни министри, таа до Јавното обвинителство ќе ги достави сите заклучоци, укажувајќи дека потоа од нив произлегува и кривична и граѓанска одговорност, и порача Јавното обвинителство да започне да си ја врши својата работа.