Според анкетата на ИРИ, граѓаните на С Македонија немаат доверба во локалните власти. На прашањето дали би поддржале реизбор на градоначалникот од нивната општина, над половина од испитаниците сметаат дека треба да се избере друг кандидат
Доколку денеска се одржат локални избори, СДСМ би освоил 19% од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би имала поддршка од 16% од избирачите. Трета партија, според рејтингот, би била ДУИ за која би се одлучиле 8%, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4% од гласачите. Вкупно 21% одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9% дека воопшто нема да гласаат.
Ова се дел од резултатите од најновото национално истражување во С Македонија, кое во текот на март го спровел Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Во главниот град, на прашањето – ако денеска се одржуваат локални избори за чиј кандидат за градоначалник би гласале, од 744 испитаници, 21% одговориле дека нивниот глас би завршил на контото на СДСМ, 16% се за личноста која ќе ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, додека 8% би била за ДУИ, а 7% за ДПА и 4% за кандидатот на Левица. Дваесет отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10% одговориле дека нема да гласаат. Од Центарот за анкетни истражување на ИРИ нагласуваат дека маргината на грешка е 3,6 процентни поени.
СДСМ го губи Ѓорче, Куманово недопирливо за ВМРО-ДПМНЕ
Во скопската Општина Ѓорче Петров анкетирани се вкупно 242 граѓани и од нив 24% одговориле дека доколку денеска има избори би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 21% за СДСМ. Ова покажува дека, за разлика од 2017 година, процентот на оние што би гласале за СДСМ е паднат за 9% во оваа општина, а ВМРО-ДПМНЕ има помалку за 2%. Маргината на грешка на овие одговори е 6,3 процентни поени.
За разлика од Ѓорче Петров, во Куманово сите партии бележат пад, но најзабележителен е оној на ВМРО-ДПМНЕ која за 8% го намалила својот рејтинг, па таму повторно би победил кандидатот за градоначалник од СДСМ. Доколку денеска се одржат локални избори, од вкупно 277 испитаници во Куманово, 28% би гласале него, 7% за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и 4% за кандидатот на ДУИ. Овде маргината на грешка 5,9 процентни поени.
Анализата на податоците за останатите градови покажува предност на СДСМ во Штип и во Охрид. Во Штип биле анкетирани 248 испитаници и со маргината на грешка од 6,2 процентни поени, резултатите покажуваат дека 34% би поддржале кандидатот на СДСМ а 15% би биле за неговиот соперник од ВМРО-ДПМНЕ. Дека нема да гласаат рекле 16% од испитаниците.
За градоначалник од СДСМ би гласале и 22% од вкупните 247 испитаници во Охрид. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ би добила поддршка од 16% од анкетираните а 3% би гласале за Левица. Беса би добила 2% додека за ДУИ својот глас би го дале 1% од испитаниците во анкетата спроведена во Охрид. Маргината на грешка тука е 6,2 процентни поени.
ДУИ во предност во Тетово, Алијанса води во Гостивар
Во Тетово, пак, од 257 испитаници и маргина на грешка од 6,1 процентен поен, најголем дел од испитаниците 14% одговориле дека би гласале за кандидат на ДУИ, а само 2 проценти помалку односно 12% се изјасниле за кандидатот на СДСМ. По 10% за Алијанса за Албанците и за Беса, а 8% рекле дека ќе гласаат за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Гостивар, според резултатите од анкетата, највисок рејтинг има Алијанса за Албанците со 22%. Зад кандидатот на ДУИ би застанале 17% од испитаниците. ВМРО-ДПМНЕ ужива поддршка од 10%, а СДСМ 8% од анкетираните гостиварци. Во Гостивар, биле анкетирани 284 испитаници, а маргина на грешка изнесува 5,8 процентни поени.
Според анкетата на ИРИ, граѓаните на С Македонија немаат висока доверба во локалните власти пред изборите што се очекува да се одржат во октомври. На прашањето дали би го поддржале реизбор на градоначалникот од нивната општина, над половина од испитаниците (53%) рекле дека би требало да се избере друг кандидат.
„Повеќе од една година подоцна, пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на Северна Македонија, кои исто така се грижат за достапноста на вакцините и за економските последици од ограничувањето на движењето и затворените бизниси. На локално ниво, граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на опозициските кандидати“,
рече Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.
Граѓаните сметаат дека сега сме подалеку од влез во ЕУ за разлика од 2005 година
Анкетата открива и дека пристапувањето во Европската Унија има 79% поддршка од јавноста. Сепак, процентот на оние кои сметаат дека С Македонија денес е поблиску до влез во ЕУ отколку во 2005 година – кога првпат доби статус на земја кандидат, во последните три години падна од 57% на 32%.
„Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, неодамна поради ветото на Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните дека може да има напредок во пристапниот процес. За среќа, ова не го намали нивниот ентузијазам за потенцијално долгорочната цел за пристапување во ЕУ“,
рече директор на ИРИ за Европа.
Прашани за најважниот проблем, најголемиот дел од граѓаните (23%) ја наведоа невработеноста, како и пандемијата и загриженоста за достапноста на вакцини против ковид-19 (22%).