Тимот на селекторот Герет Саутгејт сè уште нема примено ниту еден гол на турнирот
Фудбалерите на Англија ќе играат во полуфиналето на Европското првенство 2020, откако вечерва, во последното четвртфинале, ја победија Украина со убедливи 4:0.
На средбата одиграна во Рим, двоен стрелец беше напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, кој погоди во 4. и во 50. минута. По еден гол постигнаа дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер, и играчот за врска на Ливерпул, Џордан Хендерсон.
Украина го заврши настапот на турнирот, а репрезентацијата на Англија во полуфиналето ќе игра со Данска.
Во другото полуфинале ќе се соочат Италија и Шпанија.
Тимот на селекторот Герет Саутгејт сè уште нема примено ниту еден гол на турнирот, како што пренесува МИА.
Англија на претходните четири средби ги победи Хрватска и Чешка со по 1:0, со Шкотска одигра 0:0. Во осминафиналето Британците ја совладаа Германија со 2:0. На сите овие натпревари, голот го бранеше Џордан Пикфорд од Евертон.
На последните 10 натпревари на сите турнири, Англија прими само еден гол – во март од Полска (2:1).