Владата попладнево одржува редовна седница. Според ТВ Сител информациите оттаму се дека разрешувањето на Ангелов од директорската позиција била една од точките на дневен ред. Она за што засега нема информации и останува неизвесно е дали техничкиот премиер успеал да собере мнозинство меѓу министрите за разрешување на директорот на ЦУК
Премиерот на техничката влада Талат Џафери му се јавил на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и го известил дека планира да предложи негово разрешување од функцијата.
Информацијата за медиумите попладнево ја сподели Ангелов, додавајќи дека изјавата на Џафери дека ќе го повика на средба ја видел подоцна, но, како што рече, она што премиерот сака да го праша, тој и неговата партија Достоинство веќе го кажале.
„Премиерот Талат Џафери ми се јави, разговаравме, телефонски ме извести. Неговата изјава дека треба да се видиме ја видов подоцна, доколку ме побара, секако дека ќе се сретнам, тој е претседател на Владата, јас сум директор именуван од оваа влада. Но, она што тој сака да ме праша ние јавно го кажавме, ние јавно објавивме дека излегуваме од коалицијата со СДСМ“,
изјави Ангелов.
Директорот на ЦУК посочи дека за да биде прифатен предлогот на премиерот за негово разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од редовите на СДСМ.
Владата за попладнево имаше закажано редовна седница. Според ТВ Сител, информациите оттаму се дека разрешувањето на Ангелов од директорската позиција била една од точките на дневен ред.
Она за што засега нема информации и останува неизвесно е дали техничкиот премиер успеал да собере мнозинство меѓу министрите за разрешување на директорот на ЦУК.
Повикувајќи се на информации од Владата, во прилогот на ТВ Сител се наведува дека одлуката за разрешување на Ангелов евентуално ќе се носи на наредната владина седница.
Најaвата на техничкиот премиер Талат Џафери дека ќе го разреши Ангелов доколку ја почнал постапката за излегување од коалиција со СДСМ, директорот на ЦУК претходно денеска ја искоментира во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Во неа тој, меѓу другото, му порача на премиерот дека неговата средба на оваа тема со него е излишна.
„Командант од УЧК ќе разрешува генерал на безбедносните сили (насловот е позајмен од веста објавена на порталот на Радио Лидер). Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада. Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување“,
напиша Ангелов на Фејсбук.
Тој во објавата додаде дека за одлуката да ја напушти коалицијата со СДСМ, навремено го известил најпрво генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Двајцата, како што напиша Ангелов, позитивно се изјасниле за неговата професионалност како директор на ЦУК и сугерирале дека во овој чувствителен период за државата треба да остане на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција.
Ангелов вели дека доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Џафери за негово разрешување, тој без противење ќе ја прифати ваквата одлука.
Како што претходно посочи Ангелов, причината за одлуката Достоинство да ја напушти коалицијата со СДСМ се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.
Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство минатата недела донело и едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.