Итната седница, како што информираа собраниските служби, претседателот на законодавниот дом Јован Митрески ја закажал на барање на група пратеници од опозицијата и од мнозинството, а по нивна меѓусебна координација
Според законските дополнувања што техничката влада ги утврди на седницата на 26 март, новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево-Охрид е предложено да биде 31 декември 2026 година
Собранието за денеска попладне закажа итна седница на чиј дневен ред ќе биде анексот на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за пролонгирање на рокот за завршување на изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид по скратена постапка.

Станува збор за предлогот за дополнување на Закон за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип (завршена н.з) и делница Кичево-Охрид, кој Владата го утврди на последната седница одржана на 26 март.
Итната седница, како што информираа собраниските служби, претседателот на законодавниот дом Јован Митрески ја закажал на барање на група пратеници од опозицијата и од мнозинството, а по нивна меѓусебна координација. Седницата е закажана за во 13:30 часот.
Предлагач на измените, според материјалите објавени на веб-страницата на Собранието, е министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тие, како што може да се види на веб-страницата во Собранието, биле примени на 28 март, денот кога законодавниот дом неформално ја одржа својата последна седница во овој пратенички состав. Сепак, до изборот на новиот парламент, Собранието е во постојано заседание и пленумот може да одржува седници во случај на итни и неодложни прашања.
Инаку, според законските дополнувања што техничката влада ги утврди на седницата на 26 март, новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево-Охрид е предложено да биде 31 декември 2026 година.
За таа цел, Владата предложи на постојниот закон да биде додаден анекс број 6 со која на изведувачот на работите на делницата Кичево- Охрид, кинеската компанија „Синохидро“ ќе и биде даден дополнителен рок за да ги заврши работите, откако тоа не успеа да го направи во првично предвидениот, кој беше до крајот на минатата година.
„Цел на Предлогот на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид е склучување на Анекс бр. 6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Kичево – Охрид, каде што се утврдува дека поради настанати измени во градежните работи рокот за завршување се менува од 3 531 дена во 4 627 дена од денот на воведување во работа на Изведувачот, со што Изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување на градежните работи за дополнителни 1 096 дена, па оттука крајниот рок е ревидиран на 31.12.2026 година“,
се наведува во предлог дополнувањето на Законот.

Инаку, како причина за пролонгирање на рокот за изградба, од Владата ги наведоа 13-те нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на „првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“.
Законот, како што се наведува во дополнувањето, не повлекува обврска за обезбедување дополнителни финансиски средства. Ова значи дека за пролонгирање на рокот за завршување на автопатот Кичево – Охрид нема да ја пробие предвидената сума од 598 милиони евра.
Неодамна лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски изјави дека за продолжувањето на проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид ќе одлучи новиот состав на Собранието по изборите, како и тоа дали работите ќе продолжат со истиот изведувач или ќе се бара нов.
Ковачевски на 15 март изјави дека веднаш штом ќе се спроведе ново анексирање во Собранието или нова одлука од пратениците во Собранието, проектот ќе продолжи, затоа што како што рече, тој договор е донесен во Собрание уште пред десетина години.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак пред нешто повеќе од еден месец изјави дека кога неговата партија ќе дојде на власт по изборите в мај, автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен и пуштен во употреба за две години отсега, односно кон втората половина или кон крајот на 2026 година.
Владата, на седница одржана на 28 декември, лани ги овласти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, да отпочнат преговори со изведувачот на изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид, кинеската компанија „Синохидро“, за склучување анекс на договор за продолжување на рокот за изведба, со искористување на веќе обезбедените финансиски средства за доизградба на автопатот.

Инаку, откако стана јасно дека автопатот нема да биде завршен во првично предвидениот рок (31 декември 2023 г.), од Министерството за транспорт и врски кон крајот на минатата година беше побарано Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на проектот, а заедно со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) беше ангажиран и експерт за ФИДИК-договори (меѓународен стандард според кој се реализираат меѓународни договори) да го анализира договорот меѓу Владата и изведувачот на проектот – кинеската компанија „Синохидро“.
„360 степени“ лани во октомври објави сторија за состојбата со изградбата на оваа автопатска делница. Сликата на терен тогаш остави впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што беше предвидено со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.