„Како држави мораме да вложиме во тоа да го направиме секој граѓанин, секој мал и среден бизнис да има еднаков пристап до алатки базирани на вештачка интелигенција“, вели министерот

Придобивките од вештачката интелигенција не смеат да бидат резервирани само за најразвиените земји, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој е во Сеул, Јужна Кореја, каде што учествува на глобалниот состанок за вештачка интелигенција и дигитализација, во организација на Светска банка.
Андоновски, пред претставници од околу 70 држави од светот, говорел за можностите што ги нуди вештачката интелигенција, но и за ризиците и предизвиците поврзани со нејзината примена.
„Не смее да се дозволи богатите држави, државите што се развивиени да имаат поголем пристап до просторот за вештачка интелигенција од помалите. Како држави мораме да вложиме во тоа да го направиме секој граѓанин, секој мал и среден бизнис да има еднаков пристап до алатки базирани на вештачка интелигенција“,
вели Андоновски во видеообраќање објавено на неговиот фејсбук-профил.
Според него, во спротивно можеме да ризикуваме дека јазот помеѓу развиените и помалку развиените држави ќе се зголемува наместо да се намалува.
Тој вели дека во рамките на посетата на Сеул остварил средби со потпретседателот на Светска банка задолжен за вештачка интелигенција и дигитализација, како и со претставници од Министерството за економија и финансии на Република Кореја.
За време на посетата, Андоновски вели дека ќе има состаноци со претставници на Светската банка посветени на проектите од областа на дигитализацијата во Северна Македонија.
