Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека причината за нефункционалноста на АНБ е тоа што има борба помеѓу четири групации во СДСМ за директорското место во Агенцијата и тоа крила на: Спасовски, Зечевиќ, Ковачевски и Заев
Шеснаесет месеци нема директор за внатрешна контрола во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), обвини потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“.
Според него, АНБ е обезглавена поради внатрешни превирања во СДСМ, а доколку имало соодветна внатрешна контрола веројатно немало да се случи скандалот со издавањето државјанство на Олександар Онишченко, а ако се случел – бргу ќе се спровела истрага и ќе се утврдела одговорност.
Николоски вели дека поради притисокот што го направиле директорот Виктор Димовски дошол во собраниската комисија за надзор на АНБ за да предложи кандидат за директор за внатрешна контрола, но тогаш пратениците од власта кои го имаат мнозинството не направиле кворум. Тоа, вели тој, е од причина што има борба меѓу четири клана во СДСМ за контрола во Агенцијата.
„Таа комисија не се одржа од причина што власта која го има мнозинството, не дојде. После тоа Димовски го повлече предлогот затоа што беше посрамотен на јавна сцена од неговите сопартијци. Тогаш исплива тоа што го знаеме со месеци, а тоа е дека има клановска битка во рамки на СДСМ за директор на АНБ. Од таа причина не се избира директор за внатрешна контрола, од таа причина Виктор Димовски не се праќа за амбасадор во Франција – тука да нема манипулации со Комисија за надворешни работи бидејќи предлогот за Димовски за амбасадор стигна сега кога дојде овој скандал со Онишченко, претходно немаше предлог. Постојат најмалку четири крила во СДСМ што се борат: крило блиско на Оливер Спасовски, крило на Миле Зечевиќ, крило на Димитар Ковачевски и крило на Зоран Заев. Проблемот на ова растурање внатре во СДСМ е што државата страда затоа што најважната безбедносна служба во Македонија е обезглавена“,
вели Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Димовски не треба да замине за амбасадор во Франција бидејќи тоа ќе биде срам за Македонија со оглед дека Франција е една од најзначајните членки на ЕУ.
„Мислам дека треба да имаме сериозен однос кон Франција. Прво, за мене и самата номинација е спорна затоа што да пратите директор на тајна служба за амбасадор, тоа не е некоја добра порака кон Франција. Во регионот така разузнавачи знаат да пратат Србите, Бугарите. Но, тоа најчесто го прават во соседството. Не сум слушнал дека досегашен директор на БИА во Србија или ДАНС во Бугарија е испратен за амбасадор во Париз, да не зборувам за посериозни држави“,
рече Николоски.
Вториот спорен момент за испраќање на Димовски за амбасадор, додаде тој, е самиот скандал со Онишченко.
„Мислам дека треба да е доволно доблесен, пред пензија е, да си се повлече и да престане да се брука сам себе, а и институцијата што ја води. Овој начин девалвира и сè што тој сторил и сè што АНБ може да направи во иднина, а и направила во минатото. Наједноставен начин да се затвори ова прашање е да се повлече“,
смета Николоски.
Од друга страна, потенцира тој, мора да има и одговорност за случајот Онишченко бидејќи тоа не завршува само со Димовски. Според него, одговорност мора да се бара и кај министерот за внатрешни работи, но и кај премиерот.
„Мислам дека и премиерот треба да понесе одговорност овде. Не е досега излезено во јавност, да го пласирам, постојат кредибилни информации или гласини дека еден од министрите во владата, да бидам попрецизен, потпретседател на влада – вицепремиер задолжен за економски прашања, се обидувал да исконтактира со ова лице и да прави економски аранжмани со него. Не е тоа само дека некојси што јавал на коњ, дошол во Македонија и зел државјанство за да настапува на Олимпијада, туку се работи за многу подлабок случај“,
рече Николоски.