Зеленски и неговите европски сојузници изјавија дека сега е ред на Русија да одговори на предлозите договорени во Осло, кога Виткоф ќе се сретне со Путин

Фото: EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN / POOL MANDATORY CREDIT
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, денеска во Санкт Петербург треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, за да разговараат за предлозите за ставање крај на долгогодишниот конфликт меѓу Русија и Украина, пишува Би-би-си.
Разговорите доаѓаат еден ден по средбата на Виткоф со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Осло.
Зеленски и неговите европски сојузници изјавија дека сега е ред на Русија да одговори на предлозите договорени во Осло, кога Виткоф ќе се сретне со Путин.
Финскиот претседател Александар Стуб, кој исто така учествуваше во разговорите, рече дека е постигнат „вистински напредок“ во однос на предлозите за постигнување мир, но не даде детали и предупреди дека ќе биде потребно трпение.
Виткоф не присуствуваше на заедничката прес-конференција по разговорите во вторникот во норвешката престолнина.
Путин сè уште јавно нема коментирано за најновите случувања, но министерот за надворешни работи Сергеј Лавров претходно изјави дека Кремљ ќе го сослуша она што Виткоф ќе го понуди, притоа отфрлајќи ја можноста за „какви било политички отстапки“.
Односите меѓу Украина и САД се влошија во последните недели, до тој степен што Трамп изјави дека е време Украина да добие нов претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп, говорејќи по прес-конференцијата на Зеленски во Осло, им изјави на новинарите во Белата куќа дека сака Киев „да склучи договор“. Тој рече дека Русија би сакала „да се заврши работата“ и дека е „време Украина да стави крај на оваа војна“.
Руските напади со беспилотни летала продолжија и оваа недела. Украинските власти соопштија дека во вторникот загинале најмалку 10 лица – четворица во Киев и регионот околу главниот град, уште четворица во источниот регион Доњецк и двајца во централниот град Днипро. Во уште еден напад, што се случил во текот на ноќта, загинале уште две лица во близина на Харков, вториот по големина град во земјата.
