Нападите, како што се додава, биле регистрирани во најмалку три области на градот

Едно лице е загинато, а осум се повредени во руски ноќен напад со балистички ракети врз украинскиот главен град, објави Државната служба за вонредни ситуации (ДСНС).
Нападите, како што се додава, биле регистрирани во најмалку три области на градот.
Во областа Десњански, горела нестанбена зграда, а била оштетена и метро станица што се наоѓала на левиот брег на градот.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко објави дека една 21-годишна девојка е пронајдена почината на местото на пожарот.
„Како резултат на непријателскиот напад, една од метро станиците на левиот брег на главниот град беше оштетена. Исто така, во близина на станицата, поради ударот од остатоци, се скршија шините за движење и контакт“,
пишува Кличко на Телеграм.
Во областа Соломјански, избувнал пожар во медицинска установа, а од остатоците се оштетени фасадата и застаклувањето на 25-катна зграда.
„Во округот Соломјански, каде што остатоци од ракета погодија 25-катна станбена зграда, повредени се пет лица. Едно повредено лице е хоспитализирано. Другите беа згрижени на местото на настанот од страна на медицински лица“,
додава Кличко во објавата.
Од ДСНС додаваат дека во областа Днепар, оштетена била образовна институција.
